„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
„Извозот е двигател на економскиот раст на државата, и за подобрување на извозот потребни се три клучни предуслови. Прво, интеграција на нашата држава во глобалните системи преку зајакната регионалната соработка и придвижување кон Европската Унија, бидејќи како мала држава не смееме да се развиваме изолирано. Второ, креирање јасен извозно-развоен модел преку инвестиции, системска промоција на извозот и активни политики за промоција на извозот, приспособени на различен тип на компании со различни дејности. Трето, инвестиции во образованието, со цел создавање кадар кој ќе придонесе кон поголема конкурентност преку развој на нови производи и услуги“, истакна м-р Боријан Борозанов, директор за европски операции во секторот за чист воздух во „Џонсон Мети“ и генерален директор на „Џонсон Мети“ ДООЕЛ, Скопје, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Споделувајќи го своето искуство за школувањето во Соединетите Американски Држави, Борозанов истакна дека таму образовниот систем има поинаков, поапликативен пристап - учење преку студии на случај, решавање реални проблеми и силна застапеност на практичната настава. Токму затоа како компанија, благодарение на Стопанската комора која го поттикна процесот на дуалното образование, се вклучила во дуалното образование. Преку практичната обука во компанијата, учениците директно се запознаваат со работните процеси, се стекнуваат со практичните вештини и се подготвуваат за реалните потреби на индустријата.
„Кај нас, фокусот сè уште е на теоретското знаење и разбирање на концепти, додека американскиот модел е поапликативен. Она што го учиш, го учиш за да го примениш веднаш. Се учи преку конкретни студии на случај, како некој, нешто направил, како функционира теоретскиот концепт во пракса и како може да се примени.“, истакна Борозанов.
Според него, успехот на образовниот систем не се мери според бројот на поединци кои заминале во странство и таму постигнале успех, туку успехот на системот се мери според употребната вредност на кадарот во домашниот бизнис и индустријата.
Говорејќи за успехот на компаниите, Борозанов нагласи дека покрај јасната визија и финансиската стабилност, клучен фактор е човечкиот капитал. „Клучна работа е кадарот, односно тимот што победува. Не мораш да го имаш тимот со луѓе со најдобри вештини и знаења, туку да го креираш тимот со луѓе кои имаа најголема амбиција, заедничка цел, да размислуваат позитивно на она што ни се случува и реагираат во правилна насока со која ќе креираат продуктивност, иновации и тимски дух“, истакна тој.
Запрашан како ја гледа Македонија после десет години, Борозанов изрази умерен оптимизам, потенцирајќи дека државата има реална шанса да направи суштински промени. Според него, фактот дека сме мала држава треба да се претвори во предност - да се реагира брзо, да се биде поагилен и „погладен“ за знаења и образование. Клучно е, како што посочи, да се има амбиција, дефинирана цел и заедничка насока кон нејзино остварување, посочувајќи ги примерите на земјите како Полска, Грција, па и Србија во делот на привлекувањето на инвестициите.
На крајот на подкастот, м-р Борозанов им упати порака на македонските бизнисмени, секоја криза да ја гледаат како можност за трансформација. Наместо дефанзивен пристап, тој ги охрабри да ги препознаваат можностите за развој и напредок, да се фокусираат на својата основна дејност, особено на она што ги прави посебни и различни и токму таму да инвестираат. При тоа, нагласи дека регионалната соработка има исклучително значење и македонските компании треба да бидат поприсутни на регионалните пазари.