„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржана конститутивна седница на Бизнис клубот Европа при Стопанската комора на Северна Македонија

19.12.2025

| Актуелно

 Во Стопанската комора на Северна Македонија на 18 декември 2025 годинасе одржа конститутивната седница на Бизнис клуб Европа, новоформирано советодавно тело за прашања од значење за бизнис-заедницата кои имаат директно влијание врз стратешката цел на државата – интеграција во Европската унија и напредување во процесот на пристапните преговори.

Бизнис клуб Европа е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески,  со цел да обезбеди структурирана платформа за дијалог и координација помеѓу бизнис-заедницата, академската јавност, релевантните чинители во евроинтегративните процеси и дипломатските претставници од европските земји. Главниот фокус на делувањето на Клубот е насочен кон прашања поврзани со Европската унија, интеграцијата на македонското стопанство во европските процеси, ЕУ-дипломатијата и градењето политики кон ЕУ од перспектива на бизнис-заедницата. Клубот ќе функционира и како ефикасен инструмент за обезбедување повратни информации од деловната заедница до Европската комисија, а ќе функционира и како проектна активност во рамки на Enterprise Europe Network.

Формирањето на Бизнис клуб Европа претставува јасна определба на Стопанската комора активно и аргументирано да го вклучи македонското стопанство во процесот на европска интеграција. Нашата цел е бизнис-заедницата да има силен, координиран и препознатлив глас во креирањето на националните позиции во пристапните преговори и во комуникацијата со институциите на Европската унија. Во исто време, во рамки на своите активности, Бизнис клуб Европа ќе организира тркалезни маси, дебатни форуми, информативни, промотивни и настани за вмрежување, со цел промоција на процесот на пристапување во ЕУ и зајакнување на улогата на бизнисот во тој процес“, изјави претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Бизнис клуб Европа брои 17 членови – истакнати претставници од македонското стопанство, научната фела и експерти во областа на евроинтеграциите. Преку своето делување, Клубот ќе придонесува кон следење на текот на пристапните преговори, подготовка на мислења, насоки и позициски документи, застапување на интересите на бизнис-заедницата пред институциите на Европската унија, како и унапредување на јавната и медиумската видливост на европската агенда во стопанството. На конститутивната седница, за претседател на Бизнис клубот Европа беше избран Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ ДОО Виница.

Со формирањето и одржувањето на конститутивната седница на Бизнис клуб Европа, Стопанската комора на Северна Македонија ја зацврстува својата улога како активен и релевантен партнер во процесот на европска интеграција и како глас на македонското стопанство на европско ниво.