„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Формирана Групација за изнајмување на возила (рент-а-кар) при Стопанска комора на Северна Македонија

 На 15 декември 2025 година повеќе компании за изнајмување возила (рент-а-кар) се здружија во Групација за изнајмување возила (рент-а-кар) во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија со цел организирано и ефикасно остварување на заедничките интереси. Ова здружување ќе овозможи на членките на Групацијата активно да се вклучат во креирањето на законската регулатива од значење за секторот, заеднички да настапуваат пред надлежните институции при изнесување на своите ставови и барања, како и подобра координација со другите засегнати страни.

Преку организирано делување во рамките на Стопанската комора, рент-а-кар компаниите ќе ја зајакнат соработката со останатите здруженија при Комората, лизинг компаниите, осигурителните друштва и станиците за технички преглед, како и со МВР и другите релевантни институции за нивното работење. Имено, со воведување на проектот на МВР „Безбеден град“ се отвораат низа практични прашања во врска со примената на новите правила, особено за рент-а-кар и за лизинг компаниите, поради што е неопходно дополнително усогласување и прецизирање на обврските во директен дијалог со Министерството за внатрешни работи.
Членките на Групацијата ќе се залагаат за воведување лиценци за работа, за поголема дисциплина и за подигање на сообраќајната култура, односно за построго и поодговорно почитување на сообраќајните прописи од страна на сите учесници во сообраќајот. Целта на членките на Групацијата е заеднички во соработка со МВР да работат на подигнување на јавната свест за безбедност во сообраќајот, преку кампањи и активности, како и со одговорни приватни компании (лизинг компании, осигурителни друштва, станици за технички преглед) и други чинители.
Со формирањето на оваа нова групација, Стопанската комора на Северна Македонија дополнително се позиционира како сеопфатна комора која ги обединува и ги застапува интересите на компаниите од сите сектори, и се потврдува како препознатлива институција што професионално и ефикасно ги брани интересите на своите членки.
Стопанската комора на Северна Македонија, основана во 1922 година, е водечко независно бизнис здружение во земјата, кое застапува широк спектар на индустрии. Нејзините компании-членки генерираат половина од вкупниот приход на приватниот сектор и речиси половина од неговиот нето профит, вработувајќи еден од секои три работници во приватниот сектор.
На конститутивната седница за претседател на Групацијата за изнајмување возила (рент-а-кар) е избран Бранко Рафајловски, директор на АБЦ рент а кар.