„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Стопанската комора на Северна Македонија на дело во спроведување на својата цел - Образование за потребите на бизнисот

19.11.2025

Организиран настан за финтек и финансиска писменост со BISTLAB: Како вештачката интелегенција, машинското учење и дигиталните иновации ја револуционизираат финансиската индустрија

На 18 ноември студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ) присуствуваа на исклучително корисно предавање организирано во соработка со Групацијата за небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија. Во просториите на BISTLAB – Лабораторијата за балканска економија и финансии, под мотото „Трансформирајќи ги финансиските трансакции ги збогатуваме нашите животи“, студентите имаа можност директно од експерти да слушнат како финтекот и најновите технологии го менуваат секојдневието и го прават пристапот до финансиски услуги побрз, поедноставен и поефикасен.

Предавачите од небанкарските финансиски институции споделија реални примери од праксата, актуелни трендови и конкретни финтек-производи, овозможувајќи им на студентите длабок увид во тоа како дигиталните иновации – апликации, софтверски решенија, вештачка интелегенција и машинско учење – веќе ги трансформираат финансиските одлуки и за поединците и за бизнисите.

Билјана Мишиќ, извршен директор на Иуте Македонија, презентираше како компанијата веќе денес успешно ги применува АИ, машинското учење и дигиталните иновации во секојдневните услуги. Таа им посочи на студентите дека иднината е во таканаречениот **вграден (embedded) модел** на финтек-услуги, кои ќе станат „невидливи“ и целосно интегрирани во нашето секојдневие. Плаќањата, кредитирањето и осигурувањето ќе се одвиваат во позадина на апликациите што ги користиме за купување производи или услуги – без да мораме физички да одиме во банка или осигурителна компанија. Ова ќе донесе огромна удобност и многу подлабока, потесна врска меѓу клиентот и финтек-компанијата. Но, колку што овие услуги стануваат поневидливи, толку поголема е и одговорноста на компаниите. Тие мораат да обезбедат уште поголема транспарентност, фер услови и апсолутна заштита на личните податоци. Клучот за сето ова е **довербата** – без неа, целиот овој модел губи смисла.

Теодор Тодоровски, генерален менаџер на P2P.mk, ја претстави првата македонска peer-to-peer инвестициска платформа која директно ги поврзува инвеститорите со финансиските друштва. Платформата се издвојува по целосна транспарентност, интуитивно корисничко искуство и нула трошоци за инвестирање, правејќи ја инвестицијата достапна, флексибилна и модерна – сè со само еден клик.

Георги Руков, управувачки партнер во Кредисимо, нагласи дека финтекот е приказна за тоа како новите технологии го менуваат начинот на кој заработуваме, трошиме, штедиме и разменуваме вредност. Неговите почетоци датираат уште во 1866 година, кога трансатлантскиот кабел ги скрати растојанијата меѓу континентите и ги претвори финансиите во чиста информација. Од Морзеовата азбука па сè до блокчејнот, разбирањето на оваа еволуција нè потсетува дека иновацијата никогаш не е само техничка – таа постојано го преобликува начинот на кој луѓето и пазарите меѓусебно комуницираат. Технологијата создава алатки. Луѓето го трансформираат системот.

Ова предавање е прва реализирана активност по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Стопанската комора на Северна Македонија и Факултетот за економски и административни науки при МБУ. Целта на соработката е унапредување на финансиската писменост и инклузија, зајакнување на дигиталните и финансиските компетенции на студентите и нивно подготвување за брзо еволуирачкиот свет на дигиталните финансии.