„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Македонската микрофинансиска и финтек индустрија на Микробалканс 2025

12.11.2025

 Од 5 до 7 ноември во Дубровник, Микробалканс 2025 повторно ги обедини клучните гласови од целиот Западен Балкан со цел да се зајакне регионалната соработка, размената на знаење, унапредување на финансиската инклузивност и одговорните пракси за микрофинансирање во регионот. Годинeшната конференција е посветена на дигиталната трансформација, одржливиот раст, практични стратегии за ESG трансформација, пристап до капитал, одговорното финансирање и усогласување со стандардите на ЕУ регулативата. Микробалканс 2025 ги обедини на едно место експертите, иноваторите, регулаторите и лидерите од индустријата кои го обликуваат микрофинансискиот еко-систем на регионот. Мотото на конференцијата беше “Нашата заедничка визија е да изградиме отпорен, зелен и инклузивен финансиски екосистем што ги овластува луѓето и заедниците низ целиот наш регион”.

Македонската микрофинансиска и финтек индустрија ја претставуваа Никола Јошевски (претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и Извршен Директор на Минт), Арлинда Муја (потпретседател и Регионален Извршен Директор на Финмак), Татјана Давчев (директор за правни работи и усогласеност во Иуте Македонија), Елеонора Згоњанин Петровиќ (управител на ФУЛМ штедилница), Симона Алексовска (бизнис директор на Нативе Теамс) и Антонета Манова Ставреска (проектен менаџер на Групацијата во рамки на Стопанската Комора на РСМ), кои како панелисти говореа на различни теми за време на дводневната конференција во Дубровник.

На покана од Стопанската комора панелисти на Микробалканс 2025 од Македонија беа и Мелита Никодиновска, Кабинет на гувернер, Народна банка на Република Северна Македонија и Гордана Поповиќ Фридман, раководител на проект Зелен финансиски инструмент, УНДП.

Микробалканс е регионална платформа за микрофинансирање, инклузивни финансии, иновации и одржлив развој во Западен Балкан со цел зајакнување на гласот и капацитетот на нетрадиционалниот финансиски сектор, поддржувајќи милиони клиенти, претприемачи и заедници низ целиот регион. Креирана од членовите на Алијансата за Западен Балкан и ко-организирана од здруженија и институции за микрофинансирање од целиот Западен Балкан, вклучувајќи ги: Здружението на микрофинансиски институции во Босна и Херцеговина (AMFI), Стопанската комора на Северна Македонија, Албанската асоцијација за микрофинансирање (AMA), Здружението на микрофинансиски институции на Црна Гора, Здружението на микрофинансиски институции на Косово, Instant Factoring Serbia (регионален финтек партнер).

Повеќе од 25 години микрофинансирањето во Западен Балкан е на првата линија на финансиската инклузија - достигнувајќи до жени, рурални претприемачи, земјоделци, стартапи, повратници и неформални работници кои се занемарени од традиционалните финансии. Денес, микрофинансирањето е во функција на околу еден милион луѓе низ Западен Балкан. Потребата е реална, но финансиската инклузија повеќе не е само кредит. Станува збор за плаќања, заштеди, гаранции, осигурување, дигитален идентитет, податоци, доверба и можности. За да ја отклучиме оваа иднина, ни треба балансирана и усогласена регулатива со ЕУ, како и силни партнерства меѓу институциите за микрофинансирање, банките, финтек компаниите, регулаторите, инвеститорите, министерствата и централните банки.

Дел од поважните пораки од Микробалканс 2025 се:

  • Пренесувањето на ЕУ директивите во националното законодавство треба да креираат стабилен и интегриран, но и конкурентен и инклузивен микрофинансиски екосистем што ги надминува класичните регулаторни рамки
  •  Дигиталната трансформација во микрофинансирањето овозможува одговорно кредитирање со носење кредитни одлуки кои се и етички и одржливи
  •  ESG принципите како клучен предуслов за регионален и рурален развој на нано - бизнисите во Западен Балкан
  •  Поврзете се, соработувајте, комбинирајте. Најкритичниот елемент за претворање на локалното решение во траен импакт во Западен Балкан се партнерствата и интеграцијата на дијагностиката, пристапот до финансии и стимулации - финансиски и нефинансиски - во приватниот и јавниот сектор. Тоа е она што го прави Фондот за зелено финансирање во Северна Македонија добар модел кој е скалабилен, инклузивен и одржлив.