„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
10.10.2025
По повод започнувањето на втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, беше домаќин на неформално дружење во култната кафеана „Уранија“ со учесниците од првата сезона на поткастот, како и со дел од учесниците од втората сезона.
Првата сезона на поткастот постигна повеќе од 1,6 милиони прегледи само на Фејсбук, што сведочи за неговото влијание и за неговата популарност.
„Втората сезона ќе донесе нови свежи теми и бизнис-идеи и ќе вклучи три групи на учесници“, најави Азески. „Првата група ќе ја сочинуваат македонски менаџери и бизнисмени од помладата генерација, кои ќе зборуваат за новите актуелни теми: извозот, инфраструктурата и инвестициите. Втората група ќе ја сочинуваат истакнати бизнисмени од нашето најблиско соседство, кои успеале реномето на своите брендови да го подигнат на европско, па и на светско ниво. Третата група вклучува македонски бизнисмени од големо значење за македонската економија, но кои досега не се експонирани“, додаде Азески.
Поткастот е иницијатива на Стопанската комора на Северна Македонија и претседателот Бранко Азески во соработка со продуцентската куќа „Трето уво“, чиј основач Иво Јанкоски е креатор и продуцент на серијалот.
Спојот на двата исклучително искусни и професионални субјекти – Комората со 103 години искуство и продуцентската куќа „Трето уво“ со повеќе од 35 години присуство во македонскиот медиумски простор – гарантира висок квалитет, кредибилитет и професионален пристап во реализацијата на поткастот.
Иако обработува сериозни економски теми, поткастот задржува неформален тон и искрен разговор со влијателни гости кои имаат реално влијание врз македонската економија, а специфичниот пристап однатре на претседателот Азески овозможува длабок увид во економските процеси и предизвици со кои се соочуваат компаниите.
Емисиите од втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“ ќе бидат достапни на официјалниот канал на Стопанската комора на Северна Македонија на YouTube.