„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

Извозот, инфраструктурата и инвестициите - клучни теми во втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“

10.10.2025

 По повод започнувањето на втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, беше домаќин на неформално дружење во култната кафеана „Уранија“ со учесниците од првата сезона на поткастот, како и со дел од учесниците од втората сезона.

„Поткастот ’Бизнис-клуб’ е платформа креирана со единствена цел афирмација на позитивните бизнис-приказни и промоција на македонските стопанственици, кои, и покрај сите премрежиња што ги поминаа со здравствената, енергетската и со економската криза, успеаја да се одржат, не отпуштајќи работници, и продолжија со инвестирањето со цел градење посилна македонска економија“, истакна претседателот Азески.
„Овие млади бизнис-лидери со своите професионални кариери се модел и инспирација за младите генерации, а верувам дека во наредните десет години ќе придонесат и за раст на БДП од 4% до 7%“, додаде Азески.
Поткастот претставува отворен простор за дијалог и нови хоризонти за размислување за актуелните економски предизвици, приближувајќи ги искуствата од реалниот сектор до пошироката јавност.
Во своето обраќање претседателот Азески објасни дека во првата сезона 21 учесник го сподели своето уникатно искуство и својата експертиза и даде вредни согледувања за трите клучни теми: извозот – создавање производи со додадена вредност заради конкурентност на пазарот и заради отворање спрема новите европски и светски пазари; образованието – развој на стручен кадар приспособен на потребите на бизнисот и регионалната соработка – заеднички настап на светскиот пазар.

Првата сезона на поткастот постигна повеќе од 1,6 милиони прегледи само на Фејсбук, што сведочи за неговото влијание и за неговата популарност.

„Втората сезона ќе донесе нови свежи теми и бизнис-идеи и ќе вклучи три групи на учесници“, најави Азески. „Првата група ќе ја сочинуваат македонски менаџери и бизнисмени од помладата генерација, кои ќе зборуваат за новите актуелни теми: извозот, инфраструктурата и инвестициите. Втората група ќе ја сочинуваат истакнати бизнисмени од нашето најблиско соседство, кои успеале реномето на своите брендови да го подигнат на европско, па и на светско ниво. Третата група вклучува македонски бизнисмени од големо значење за македонската економија, но кои досега не се експонирани“, додаде Азески.

Поткастот е иницијатива на Стопанската комора на Северна Македонија и претседателот Бранко Азески во соработка со продуцентската куќа „Трето уво“, чиј основач Иво Јанкоски е креатор и продуцент на серијалот.

Спојот на двата исклучително искусни и професионални субјекти – Комората со 103 години искуство и продуцентската куќа „Трето уво“ со повеќе од 35 години присуство во македонскиот медиумски простор – гарантира висок квалитет, кредибилитет и професионален пристап во реализацијата на поткастот.

Иако обработува сериозни економски теми, поткастот задржува неформален тон и искрен разговор со влијателни гости кои имаат реално влијание врз македонската економија, а специфичниот пристап однатре на претседателот Азески овозможува длабок увид во економските процеси и предизвици со кои се соочуваат компаниите.

Емисиите од втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“ ќе бидат достапни на официјалниот канал на Стопанската комора на Северна Македонија на YouTube.