„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

Започнува втората сезона на подкастот „Бизнис клуб“ со Бранко Азески

09.10.2025

Стопанската комора на Северна Македонија ја најавува втората сезона на подкастот „Бизнис клуб“, чија цел е преку искрени и содржајни разговори да ги приближи највлијателните претставници на бизнис-заедницата до јавноста и да ги промовира позитивните бизнис-искуства од земјата и регионот.

Втората сезона ќе донесе свежи теми и нови приказни од реалниот сектор, преку кои ќе се поттикне дијалог за развојот на претприемништвото, иновациите и економската конкурентност.

Новите епизоди на „Бизнис клуб“ ќе донесат и нови соговорници од регионот, меѓу кои се најавени имиња како Емил Тедески и Невен Вранковиќ од „Атлантик груп“, Драган Бокан од групацијата „Воли“, Блаж Бродњак – главен извршен директор на НЛБ банка, Љубљана, Штефан Павлињак од „Рото груп“ и други. Подкастот ќе остане верен на својот препознатлив стил – неформален тон на разговор за сериозни економски теми, гости со реално влијание врз економските процеси и пристап „одвнатре“, благодарение на погледот на Азески како претседател на најстарата и највлијателна деловна асоцијација во земјата.

Подкастот „Бизнис клуб“ претставува заедничка иницијатива на Стопанската комора на Северна Македонија и продуцентската куќа „Трето уво“, чиј основач и продуцент Иво Јанкоски е креатор на серијалот.

Досега, низ подкастот поминале 21 истакната личност од македонската бизнис-заедница, кои ги споделија своите искуства, предизвици и визии за иднината на македонската економија.

Првата епизода од втората сезона на подкастот „Бизнис клуб“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Стопанската комора на Северна Македонија.