„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
14.11.2018
На 14.11.2018 година, Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија одржа седница и расправаше за предложените закони од економската и финансиската област, што се од интерес на членките од ИТ-секторот.
Компаниите - членки на Здружението сметаат дека најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во буџетот на Република Македонија е во сеопфатното зафаќање од сите субјекти и елиминација на „сивата“ економија, вклучувајќи го и нерегулираниот бизнис преку интернет.
Посебно внимание треба да се насочи кон искористување на сите расположливи можности за рационализација на расходите и нивна максимална реализација во функција на развојот и динамична стопанска активност. Потребено е перманентно следење на билансите на приходите и расходите, во насока на обезбедување подобар квалитет на јавните услуги, вложувања во унапредувањето на социјалниот, образовниот и здравствениот систем, но и рационализација на процесите на државната администрација.
Укажувањата се дека вакви системски промени, најавени на крајот од годината, се дополнителен притисок врз стопанството и не се донесени во партнерски однос со стопанството, без навремено усогласување за да можат субјектите да го приспособат своето работење, особено при утврдувањето на финансиските планови за следната година.
Членките на Здружението побараа преиспитување на термините за стапување во сила на предложените закони, со цел спроведување на широки консултации за оценување на ефектот врз ефективното работење, продуктивноста и деловното опкружување.