„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Образование - инвестиција во бизнисот

Инвестирањето во знаење е инвестирање во успехот

01.10.2025

Унапредувањето на знаењата и вештините на вработените претставува една од највредните инвестиции што може да ги направи компанијата. Современите бизнис-предизвици бараат тимови подготвени за учење, развој и за носење иновативни решенија.

За таа цел, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, во соработка со Бизнис-центарот за тренинг и обука, а на барање на кондиторската компанија за производство на здрави барови и други кондиторски производи од брендот НИКС – Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион ДОО Битола – ја реализираше обуката „Вештини за развој на средниот менаџмент“.

Обуката беше наменета за вработените од средното ниво на менаџментот и фокусирана на развивањето клучни менаџерски компетенции потребни за правилно толкување и за ефикасна примена на стратегиите усвоени од највисокиот менаџментот во секојдневното работење.

Што добија учесниците?

Преку три модули и интерактивни сесии, учесниците се здобија со практични знаења и со алатки кои ќе им овозможат успешно:
  • да ги спроведуваат компаниcката стратегија, правилата и процедурите во рамките на процесите или на одделите за кои се одговорни;
  • да ја следат и да ја унапредуваат работата на вработените преку соодветно распределување на задачите и преку надзор над нивното извршување;
  • да ги инспирираат и да ги мотивираат вработените за постигнување најдобри резултати и за градење позитивна работна култура;
  • да предлагаат нови иницијативи за зголемување на продуктивноста и на ефикасноста;
  • да планираат, да распределуваат и оптимално да користат ресурси;
  • навремено и точно да ги известуваат надредените за можните предизвици;
  • да водат точна евиденција и администрирање на реализираните активности.
Резултат

Со оваа обука припадниците на средниот менаџмент ја зајакнаа својата лидерска улога, ја зголемија ефикасноста во секојдневното работење, ја подобрија продуктивноста на тимовите и придонесоа за остварување на стратешките цели на компанијата, создавајќи додадена вредност за клиентите и за партнерите.