„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
23.09.2025
На 16 и 17 септември во Кичево и Битола, пред компаниите членки на регионалните комори на Стопанската комора на Македонија беше промовирана Програмата Green & Growth. Програмата има регионален карактер и е креирана да го поттикне зелениот раст на регионалните економии во југо-западниот регион на земјата и Пелагонија. На промоцијата присуствуваа околу 60-тина учесници од регионот, претставници на општини, компании и банкарскиот сектор.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во партнерство со Фондот за чиста технологија го креираа овој нов финансиски производ кој има за цел да промовира инвестиции и да го зајакне капацитетот на малите и средни претпријатија (МСП) и корпоративниот сектор во процесот на зелената трансформација.
- Финансирањето преку кредитни линии кои се достапни од ЕБОР преку банките учеснички НЛБ Банка и Шпаркасе Банка,
- Инвестициска поддршка во форма на грант во износ од 10-- 15 % од искористеното финансирање (грантовите се достапни после успешно завршување на инвестицијата),
- Бесплатна техничка помош за финансиските институции и финалните корисници кои што се поддржани од Фондот за чиста технологија, и
- Советодавни услуги за малите бизниси.
Наум Рибароски, помошник директор на ЕБОР ја објасни причината за креирање на ваков инструмент: ,,Овој финансиски производ е дел од пошироката Програма за праведна енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Program - JETIP) која има за цел да и помогне на Македонија да ги надмине состојбите на претстојното затворање на централите кои работат на јаглен. Преку Програмата Green & Growth, финансирањето во форма на наменски кредити ќе биде обезбедено на локалните компании од сите големини во Пелагонија и југо-западниот регион, кои се најмногу погодени од ефектите на декарбонизација во земјата“.
Програмата Green & Growth има за цел постигнување на целите за декарбонизација на Македонија и праведна транзиција. Преку понудата на достапно финансирање на зелените инвестиции, се стреми кон зајакнување на регионалните бизниси во насока на примена на почисти технологии, подобрување на енергетската ефикасност и поттик на одржлив раст.
Повеќе информации за самата Програма и начините како да аплицираат за истата, компаниите можат да добијат во Шпаркасе Банка и НЛБ Банка.