„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Комората и стопанството зад „Макпрогрес“: Домашната потрошувачка како клуч за закрепнување

12.09.2025

Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа состанок за поддршка на „Макпрогрес“ – Виница, компанија која минатата недела претрпе голема штета од пожар. Средбата беше иницирана од претседателот на Комората, Бранко Азески, а учествуваа генералниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, претставници на најголемите малопродажни ланци, дистрибутери, Советот на странски инвеститори и повеќе здруженија.

На средбата беше констатирано дека зголемената домашна потрошувачка на добро познатите брендови „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“ и „Фантазиа“, ќе биде клучниот механизам за побрзо закрепнување на компанијата, а за таа цел тимовите на „Макпрогрес“ ќе понудат посебни акции и промоции за малопродажните ланци.

На почетокот на работната средба претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека трагичниот настан не смее да ја загрози иднината на компанијата, а оваа иницијатива е пример како стопанството знае да се обедини во клучни моменти.

„Прво сакам да изразам жалење во име на Стопанската комора за сè што се случи во ‘Макпрогрес’, бидејќи тоа го чувствувам и како личен удар. Се работи за фабрика која е гордост на државата – со извоз во преку 50 земји, најголем промет во кондиторската индустрија и современа технологија. Комората стои зад секоја компанија која е двигател на домашната економија. Со оваа иницијатива сакаме да покажеме дека не смееме да дозволиме еден пожар да го загрози долгорочното работење на ‘Макпрогрес’, ниту пак да се доведе во прашање егзистенцијата на нивните вработени. Верувам дека со заеднички сили ќе обезбедиме брза стабилизација и нов импулс за раст“.

Од своја страна, генералниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, се заблагодари за поддршката што компанијата ја добива и од Комората и од институциите, бизнис заедницата и од граѓаните.

„Ова е пример дека коморското здружување е потребно за секоја компанија, бидејќи Комората ја штити компанијата во целина – не само сопствениците или директорите, туку и вработените и сите што зависат од фирмата. Сакам да упатам благодарност до вас лично, претседателе Азески, зашто од првиот момент вие бевте активно вклучени и заедно со институциите помогнавте да се активираат што повеќе противпожарни служби за она што можеше да се спаси-да се спаси. Благодарност и до сите што ја поддржија оваа иницијатива. Благодарни сме за секој купен производ, за секоја порака и иницијатива на социјалните мрежи. Ние одлучивме да ги задржиме сите вработените и истите плати, зашто знаеме колку е тешко да најдете добри и лојални работници“.

Цветанов на средбата со голем број стопанственици ја соопшти идната стратегија за обнова на производството. Во знак на солидарност, „Макпрогрес“ намали цени на над 100 производи за 10%, а за септември пушти акциска продажба на околу 15 производи. Подготвуваат и дополнителни акции за секој клиент посебно, за да одговорат на големата поддршка од јавноста.

„Целта во наредните месеци нема да им биде профит туку обнова на капацитетите и да се задржат на работа над сто вработени од трите производствени линии погодени од пожарот, кои во моментов се прераспоредени на други работни места.  Имаме поддршка и од странските партнери, но таа ќе стигне за неколку месеци. Затоа сега е најважна домашната потрошувачка“, истакна Цветанов.

Во однос на динамиката на обнова на погоните, Цветанов соопшти дека преговарале за набавка на нова опрема и за банкарски кредит. Планираат за два месеца да биде оспособена производна хала која постои во близина на фабриката и е 80 отсто подготвена за производство. Со набавка на половна опрема, рече, таа ќе може да работи привремено шест месеци. Имаат ветување за нова опрема за производство на наполитанки и вафли за што се преговара со реномирана швајцарска компанија.

Цветанов потврди дека пожарот не започнал во фабриката, но истрагата е сè уште во тек.

Во рамки на групацијата работат 650 луѓе.

Во име на Владата апел до домашните компании за солидарност упати и заменик-министерот за економија Марјан Ристески кој присуствуваше на состанокот во Комората.