„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржано Генералното собрание на Асоцијацијата на балкански комори во Подгорица

11.09.2025

 Годинешното Собрание на Асоцијацијата на балкански комори (ABК) се одржа на 10.09.2025 година, во Подгорица, Црна Гора.

Клучната тема на овој настан беше вештачката интелигенција (ВИ) како еден од најважните двигатели на идниот економски развој, во рамките на црногорското претседавање со оваа Асоцијација.

Воведни зборови имаа претседателката на Стопанската комора на Црна Гора, д-р Нина Дракиќ, како и потпретседателот на Eurochambres и претседател на Унијата на стопански комори и берзи на Турција TOBB, Рифат Хисарџиклиоглу.

Дракиќ истакна дека вештачката интелигенција нуди исклучителни можности за подобрување на конкурентноста, ефикасноста и иновациите, а во исто време поставува прашања како да се заштитат етичките стандарди, да се обезбеди усогласеност со регулативите и да се подготви работната сила за новата дигитална ера.

Рифат Хисарџиклиоглу истакна дека соработката и партнерството во сегашната геополитичка средина се попотребни од кога било.

„Членството на преостанатите балкански земји во ЕУ е неизбежно и се надеваме дека проширувањето ќе биде препознаено како приоритет во следниот буџет на Европската Унија, со цел да се испратат јасни сигнали до земјите кандидати“ – истакна Хисарџиклиоглу.

Тој ја нагласи важноста од подобрување на меѓусебната поврзаност на балканските земји со глобалниот пазар, со оценка дека инвестициите во патна, железничка и пристанишна инфраструктура ќе го олеснат трговскиот тек.

Осврнувајќи се на темата за вештачката интелигенција, тој ја нагласи важноста на нејзиниот развој како неизбежен дел од новата индустриска револуција.

„Вештачката интелигенција е исто толку важна денес колку што парната машина беше важна за првата индустриска револуција. Бизнис заедницата ќе игра клучна улога во овие промени“ заклучи Хисарџиклиоглу.

Претставниците на Балканските стопански комори и Еврокоморите имаа можност да го слушнат предавањето „Трансформација на деловните процеси со вештачка интелигенција“ на Милутин Павиќевиќ од Црногорското здружение за вештачка интелигенција.

Настанот продолжи со дискусија од страна на претставниците на стопанските комори, кои особено ја нагласија потребата за имплементација на вештачкате интелигенција и да бидат подготвени за промените во начинот и културата на работење што таа ги носи за своите членови, како и за предизвиците за приватноста што ги наметнува трансформацијата во оваа насока.

За време на состанокот, Стопанската комора на Црна Гора го предаде претседателството со Асоцијацијата на балкански комори на Стопанската комора на Романија.

На настанот Стопанската комора на Северна Македонија беше претстaвена од проф. д-р Марјан Бојаџиев, потпретседател на Комората.