„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Конференција за заштита од пожари: Заеднички чекори кон стандардизирање и побезбедна инфраструктура

24.06.2025

Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Институтот за стандардизација на РСМ и други стручни и институционални чинители, организираше Конференција за заштита од пожари на објекти. Настанот ги отвори клучните теми поврзани со безбедноста, стандардизацијата и унапредувањето на техничките и законските практики во оваа критично важна област.

Конференцијата привлече широка стручна јавност-инженери, проектанти, технички надзори, претставници од институции, инвеститори и претставници од академската заедница. Со поздравни обраќања високи претставници од надлежните органи ја истакнаа потребата од тесна соработка меѓу институциите, како и неопходноста од воспоставување заедничка стандардизирана рамка за дејствување. Посебен акцент беше ставен на унапредување на постојните нормативите и зголемување на практичната примена на мерките за заштита од пожари, со цел подобрување на безбедносните стандарди и заштита на човечките животи и имот.

Во техничкиот дел беше организирана пленарна дискусија на која се вклучија претставници од релевантни институции и научни тела. Дискусијата го стави фокусот на клучните предизвици во областа, меѓу кои особено беа истакнати преклопувањата во институционалните надлежности, недоволното усогласување меѓу законските и подзаконските акти, како и потребата од прецизна и сеопфатна регулатива. Учесниците нагласија дека елаборатите за заштита од пожари треба да бидат третирани како суштински документи, кои не само што пропишуваат технички мерки, туку одразуваат мултидисциплинарен пристап што ја гарантира безбедноста на објектите од самиот почеток на нивното планирање.

Присутните изнесоа конкретни предлози за подобрување на институционалната координација и зајакнување на техничките процедури во процесот на проектирање, ревизија, надзор и инспекциски надлежности. Препораките кои произлегоа од дискусиите ќе бидат систематизирани и доставени до релевантните органи и Владата, со цел да се поттикнат структурни реформи и да се изградат поефикасни политики во областа на заштитата од пожари.

Конференцијата успешно го постигна своето основно мото – да ги обедини стручната и институционалната заедница околу заедничката цел: создавање побезбедна, стандардизирана и поодржлива средина за заштита од пожари. Со тоа, настанот остави значаен придонес и јасна порака дека заштитата од пожари не е само техничка обврска, туку општествена и професионална одговорност која бара постојана грижа, стручност и заедничка визија.