Пред една недела, Групацијата на небанкарски финансиски друштва направи значаен чекор кон унапредување на пазарот и заштита на потрошувачите преку потпишување на нов Етички кодекс. Во интервју за Блумберг Адриа, претседателот на Групацијата, Никола Јошевски, ги истакна клучните придобивки од усвојувањето на овој документ, нагласувајќи ја посветеноста на индустријата за одговорно и транспарентно работење. „Со Етичкиот кодекс поставуваме повисоки стандарди во работењето кои одат над законскиот минимум,“ изјави Јошевски. „Нашата цел е да ја зајакнеме довербата на граѓаните во небанкарскиот финансиски сектор и да обезбедиме максимална заштита за секој клиент.“
Новиот кодекс се темели на пет основни принципи: транспарентност, интегритет, професионализам, доверливост и одговорност. Ова во пракса значи дека клиентите ќе добиваат јасни, точни и целосни информации за сите производи и услуги, без скриени трошоци и нејасни одредби. Јошевски потенцираше дека Кодексот не е само декларативен документ. За негова доследна примена ќе се грижи новоформирана Етичка комисија, која ќе ги разгледува сите приговори и поплаки од граѓаните. „Секое финансиско друштво кое е потписник на Кодексот се обврзува на целосно почитување на неговите одредби. Во спротивно, предвидени се соодветни мерки, вклучително и можност за исклучување од членство во Групацијата,“ појасни претседателот.
Овој чекор доаѓа како резултат на потребите на пазарот и има за цел да го подобри корисничкото искуство, да ја зголеми финансиската писменост и да ја зацврсти социјалната одговорност на компаниите во овој брзорастечки сектор. Досега, на Кодексот се приклучија 22 од вкупно 27 лиценцирани небанкарски финансиски друштва во земјата, што претставува јасен сигнал за широката поддршка на иницијативата од страна на финансиските друштва членки на Групацијата при Стопанската комора.
Со воведувањето на Етичкиот кодекс, небанкарските финансиски друштва покажуваат зрелост и подготвеност за саморегулација, поставувајќи го клиентот на прво место и градејќи основа за одржлив и здрав развој на финансискиот пазар во Северна Македонија.