„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
11.06.2025
Денес на прес-конференција во Стопанската комора на Северна Македонија претседателот на Групацијата на небанкарски финансиски друштва, Никола Јошевски, го промовираше Етичкиот кодекс на Групацијата.
Кодексот претставува збир на вредности, принципи и добри практики од работењето на финансиските друштва, потписници на Етичкиот кодекс, кои се во согласност со законски пропишаните регулативи и ги надградуваат истите, а со чие применување и почитување се утврдуваат минималните стандарди во работењето на финансиските друштва.
Целта на Етичкиот кодекс е да се унапреди работењето на финансиските друштва и да се подобри корисничкото искуство на нивните клиенти, да се поттикне поголема социјалната одговорност на финансиските друштва, како и да се унапреди релацијата на финасиските друштва со потрошувачите, односно корисниците на нивните услуги.
Основни вредности и принципи на Етичкиот кодекс се транспарентност, интегритет, професионализам, доверливост и одговорност. За финансиските друштва применувањето на одредбите од Кодексот ќе значи повисоки стандарди во работењето и имање во предвид најдобрите интереси на клиентите, додека за клиентите тоа ќе подразбира лесно достапни, јавно објавени, прегледни и јасни информации за производите и услугите кои ги нуди финансиското друштво, како и јасни и недвосмислени реклами.
На настанот, финансиските друштва членки на Групацијата, го потпишаа Етичкиот кодекс, со што и формално се обврзаа на примена на неговите принципи и вредности.
Во пракса спроведувањето на Етичкиот кодекс ќе го следи Комисијата за спроведување на Етичкиот кодекс на Групацијата, при што во случај на непочитување на одредбите од Кодексот, Комисијата ќе ја разгледа подобноста на финансиското друштво за членство во Групацијата, која брои 22 од вкпно 27 лиценцирани финансиски друштва од Министерството за финансии.
Финансиските друштва членки на Групацијата при Стопанската комора продолжуваат во континуитет да работат на подобрување на екосистемот за одговорно кредитирање, заштита на клиентите, подобрување на бизнис условите на пазарот, усогласување со глобалните стандарди, како и подобрување на видливоста и репутацијата на небанкарските финансиски институции. Во тој контекст, донесувањето на Етичкиот кодекс следи по Кампањата за финансиска едукација за заштита на личните податоци.