„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
24.05.2025
ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на двата аеродроми, Македонскиот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вчеравечер (23.05.2025 година) на гала настан одржан во Македонската филхармонија пред голем број високи владини претставници, вработени и соработници на ТАВ ја одбележаа својата 15 годишнина.
На настанот во име на Стопанската комора на Северна македонија присуствуваше д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник на претседателот на Комората за инфраструктура и економски развој.
ТАВ Македонија е членка на Стопанската комора на Македонија, членка на Советот на Странски инвеститори и партнер на Комората долги години наназад.
“Во годината на нашата 15-годишнина во Македонија, како ТАВ Аеродроми ја подобруваме аеродромската инфраструктура, ги оптимизираме операциите и обезбедуваме непречено патничко искуство. Посветени сме на тесна соработка со авиокомпаниите, воздухопловните власти, властите во областа на туризмот, и владата, за да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром уште поатрактивна дестинација за патници и деловни можности” – потенцира генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
За подвлекување е дека неодамна, истакнатата авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го пласираше Меѓународниот Аеродром Скопје меѓу првите десет аеродроми во регионот на Источна Европа, во склоп на нивната програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards). Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според Скајтракс се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје. Покрај Меѓународниот Аеродром Скопје, уште седум други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, се препознаени меѓу врвните аеродроми во светот, во склоп на наградите Skytrax World Airport Awards. Тоа се аеродромите во: Алмати – Казаxстан, Анкара и Измир – Турција, Батуми и Тбилиси – Грузија, Рига – Латвија и Медина – Саудиска Арабија.
Инаку, на почетокот на летната сезона и летниот ред на летови за 2025 година, ТАВ Македонија има многу новости за патниците. Со летниот ред на летање што стапи во сила на 30 март годинава, а кој е одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство, на Меѓународниот аеродром во Скопје во летната сезона ќе има 47 дестинации управувани од 16 авиокомпании, без чартер летовите. Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, во текот на летната сезона и летниот ред на летање во 2025 година, ќе има 7 редовни летови со 6 авиокомпании.
Според ТАВ Македонија, годинава кога ТАВ Македонија прославува 15 години работење во нашата земја, од скопскиот аеродром редовни авиолинии ќе имаме со Атина, а линијата ќе ја опслужува Aegean Airlines, до Белград – Air Serbia, до аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул ќе лета AJet, до Виена – Austrian Airlines, до Цирих – Chair Airlines, до Загреб и Сплит – Croatia Airlines, до Париз Орли аеродром – easyJet, до Цирих – Edelweiss, до Варшава – LOT Polish Airlines, до Франкфурт – Lufthansa, до Осло – Norwegian Air Shuttle, до Бодрум и аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул, Измир и Анталија ќе лета Pegasus Airlines, до Анталија и Измир – Sun Express, до Амстердам – Transavia Airlines, до Истанбул (iGA Airport) – Turkish Airlines, и Барселона, Базел Милуз, Берлин, Болоња, Братислава, Брисел Шарлероа, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Лион, Малме, Малта, Милан Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Штутгарт, Осло, Париз, Рим (Фјумичино и Чампино), Венеција Тревизо, Карлсруе, Љубљана, Лондон Лутон ќе ги опслужува нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air.
Дополнително, од Скопје со летниот ред на летање е планирано да се лета до 6 чартер дестинации, па така, до Анталија ќе летаат Pegasus и SunExrpess, и чартер од Freebird Airlines, до Франкфурт (Lufthansa до аеродромот во Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан), до Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и Ajet до аеродромот Сабиха Гокчен), до Измир (Pegasus и SunExpress), до Цирих (Edelweiss и Chair Airlines) и до главниот град на Норвешка Осло (Осло Сандефјорд од Wizz Air и Осло – Norwegian Air Shuttle).
Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, пак, во текот на летната сезона и летниот ред на летање во 2025 година, ќе има 7 редовни летови со 6 авиокомпании, односно ќе има летови до Белград со Air Serbia, Цирих со две авиокомпании – Chair Airlines и Edelweiss и Амстердам со TUI Fly, Истанбул со Turkish Airlines, и Виена, Дортмунд и Меминген со Wizz Air.
Со зимскиот ред на летање за сезоната 2024/2025 година, кој е завршен во март годинава, имаше 14 авиокомпании кои летаа до вкупно 37 различни редовни дестинации и 7 дестинации со чартер летови или вкупно 44 дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје. Од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле за време на зимскиот ред на летање, 3 авиокомпании сообраќаа до 4 дестинации.
Стопанската комора на Северна Македонија го честита успехот на својата членка ТАВ Македонија и посакува во наредниот период преку соработка, поддршка и партнерство остварување на зацртаните цели.