„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ГЕРМАНСКИ БИЗНИСМЕНИ ВО КОМОРАТА – ИНТЕРЕС ЗА НОВИ ВЛОЖУВАЊА И БИЗНИСИ, СЕ НАДЕВААТ НА ПРЕДВИДЛИВА И СТАБИЛНА ИНВЕСТИЦИСКА КЛИМА

23.05.2025

 Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со тим од истакнати македонски бизнисмени, беше домаќин на водечката германска Бизнис Асоцијација фокусирана на економските односи помеѓу Германија и земјите од Источна Европа, Кавказ и Средна Азија, со 20 бизнисмени доминантно од секторите банкарство, енергетика, телекомуникации, транспорт.

 

На средбата Азески ја посочи важноста на Германија за нашата земја и регионот, бидејќи како што рече, таа е број еден трговски партнер на Македонија и најразвиена европска економија, најголем партнер на Стопанската комора на Северна Македонија и иницијатор и подржувач на коморското поврзување преку Асоцијацијата на Балкански Комори (АБК) и на делувањето на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), иницијатива реализирана во рамки на Берлинскиот процес. Како најголема бизнис организација, мора да се нотира дека нема сериозен проект за подигање на институционалниот капацитет без поддршка на ДИХК и германската помош за овој регион.

Не помалку важна е и поврзаноста и соработката во делот на имплементација на формите на дуалниот систем на образование, финансирањето на програми кои го зголемуваат капацитетот на Комората. Германските комори покажале кон нас конструктивност и јас сакам денес да им се заблагодарам вели Азески. Соработката на државата, со Сојузна Република Германија е и од аспект на сериозната поврзаност преку работната сила, извозот од зоните, истакна претседателот на СКСМ. Потенцираше и дека заложба на Стопанската комора е да се преструктуира нашата амбасада во Берлин на начин што нејзиното економско одделение ќе соодветствува со реалноста дека Германија е нашиот најголем трговски партнер.

 

Германската делегација ја предводеше Кристоф Бек, член на Управниот одбор на Бизнис асоцијацијата и Јан-Аксел Вос, заменик-шеф на мисијата во амбасадата на СР Германија во РС Македонија. Беше посочено дека е од особена важност зајакнување на стопанската соработка и дека во ова време на несигурност, многу е важно да се зајакне стопанската соработка и со други земји, бидејќи само така стопанството е на добар пат кон развој. На средбата,бизнисмените од Германија со македонските стопанственици  разменија интерес, за потенцијалите за соработката во повеќе сектори меѓу кои и во банкарство, енергетика, телекомуникации, транспорт.