„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
21.05.2025
НЕМА КВАЛИТЕТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ ДА СЕ СЛУШНЕ ГЛАСОТ НА ВКЛУЧЕНИТЕ ЧИНИТЕЛИ ВО ТОЈ ПРОЦЕС
Предизвиците во дуалното образование беа тема на состанокот што се одржа во Прилеп во организација Регионалната комора со седиште во Прилеп. На состанокот со квалитетна дискусија и пренесување на искуствата учество зедоа претставници од компаниите кои гравитираат во регионот на Прилеп, вклучени во процесот на дуалното и стручното образование, од средните стручни училишта и од локалната самоуправа која е најзасегната за испорака на стручен кадар за потребите на компаниите.
На почеток на состанокот, од страна на м-р Наташа Јаневска, проектен менџер во Стопанската комора, која работи на полето на образовни политики и обезбедување кадар по мерка на бизнисот, беа презентирани новините во долгоочекуваниот Закон за стручно образование и обука, кој стапи на сила од јануари 2025 година (системско уредување на македонскиот модел на дуално образование, регионалните центри за стручно образование и обука, како и доуредување на постсредното образование). Исто така, присутните на настанот беа информирани за подготовката на новата Концепција за стручно образование и обука во која ќе се прецизира признавањето на двегодишното стручно образование за стекнување квалификација од II ниво како задолжително образование. Со признавањето на двегодишното образование ќе се овозможи поголем упис на ученици за вакви квалификации кои по завршување на двегодишно образование ќе имаат можност да се стекнат со диплома и веднаш да се вработат, наместо досегашната состојба која не го препознава двогодишното образование во формалниот систем на образование и произведува незаинтересирани учениците кои мораат да се запишат во тригодишно или во четиригодишно образование иако не се заинтересирани за ваков вид образование и да се стекнат со диплома без да имаат стекнато некакво знаење или вештини. Новата концепција предвидува и проодност од едно во друго ниво за стекнување повеќе квалификации и препознатливост на пазарот на труд.
Во вториот дел од состанокот се отвори дискусија за проблемите со кои се соочуваат и компаниите и училиштата во дуалното образование и реализацијата на практичната обука.
1. законско или подзаконско дефинирање на улогата на кооординаторот за учење преку работа, како што е случајот со сите останати работни позиции во образованието;
2. ревидирање на бодовите за упис во стручните училишта за одредени квалификации, со напомена да нема намалување на бодовите во вториот уписен рок;
3. продолжување на рокот за бесплатен превоз на ученици до 30 јуни за да можат учениците да реализираат феријална пракса. Поради финансиската состојба на семејствата, посебно од руралните среди, одредени ученици се принудени да земат потврда дека реализирале феријална практика без нејзина реализација, што влијае на квалитетот на практичното образование на учениците.
4. да се смени пристапот за промоција за уписите во дуалното образование, не заради стипендијата, туку заради стекнување стручни вештини и вработување на учениците.
5. исход од стипендирањето во дуалното образование од државата (дали ќе продолжи за сите запишани ученици или ќе биде врзано со просек);
Ставот на сите учесници на состанокот беше заклучоците во вид на инфомација да се испратат до министерката за образование и наука со образложение со кои потешкотии се сооочуваат сите вклучени страни, а кои зависат од политиките на Владата и Министерството за образование у наука.