„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески избран за претседател на бордот на директори на „Прогресив академија“ Виница

16.05.2025

 Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во улога на нов претседател на Бордот на директори на „Прогресив академија“, учевствуваше на Првата Прогресив лидерска конференција на тема Пристап до финансии за мали и средни претпријатија“, што се одржа на 15.05.2025 година во Виница, во просториите на Винчини развојниот центар на Макпрогрес ДОО Виница.

-Сакаме да се свртиме од општите кон поединечните прашања и потреби за секоја компанија, заедно да помогнеме тие да создаваат конкурентни производи, каков што е примерот со нашите домаќини. Во „Макпрогрес“ имаат визија за тоа, што го докажуваат во изминатите 10 години, а во наредниот период во следната фаза, нашиот стратешки приоритет е да се свртиме кон човечките ресурси и да создаваме кадар токму таков каков што му е потребен на бизнисот. За таа цел, со помош на моето долгогодишно искуство, контакти и познавање од оваа област ќе придонесам оваа Академија да се издигне на повисоко и еве, почнуваме да работиме веднаш“- истана претседателот Азески.

Генералниот директор на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, во своето обраќање истакна дека со инвестициите на Макпрогрес и на другите локални компании од овој дел од земјата, со новата подобрена патна инфрастурктура и со активностите на Прогресив академија во делот на подобрување на вештините согласно потребите на бизнисот, се даде нов импулс за развој на источниот регион.

„Чест ни е што соработката со Стопанската комора ја зајакнуваме, а нејзиниот претседател се приклучува како нов претседател на Одборот на директори на нашата Прогресив Академија“, истакна Цветанов.

Прогресив лидерската конференција имаше три панели на кои беа претставени финансиските инструменти за поддршка на малите и средните претпријатија, донаторските инструменти за финансирање на бизнисите, како и нефинансиската поддршка што ја нудат разни асоцијации и агенции, како и стопанските комори.Оваа конференција, на која учество зедоа голем број претприемачи и бизнисмени, имаше за целда ги подготви бизнисмените од регионот, но и пошироко, да одговорат на новите бизнис предизвици, да овозможат поврзување, размена на знаења и искуства од оваа област.

Прогресив академија е иновативен тренинг центар чија визија е развој на вештини преку квалитетни едукативни програми, унапредување на техничките знаења, акцелераторски програми и активности за истражување и развој кои ќе го поттикнат регионалниот раст и развој на бизнисите, а со поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија, идејата е овој едукативен центар да прерасне во препознатлива бизнис-школа, надвор од Скопје, која нуди квалитетни содржини за подигнување на менаџерските знаења за потребите на средниот и високиот менаџмент, но и за надградување на вештините на стручниот кадар во согласност со потребите на бизнисот.