„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
14.05.2025
Претставник на Стопанската комора учествуваше на ЕТФ Форумот за обезбедување квалитет, на кој нашата земја беше домаќин, и го пренесе искуството од учеството на Комората во системот на стручното образование и обука до учесниците на форумот од државите - аспиранти за членство во Европската Унија и од државите, членки на ЕУ.
„Улогата на Комората во системот на стручното образование се одвива во три сегмента: техничка, стручна и во делот на обезбедување квалитет. Техничката улога на Комората се однесува на вмрежување на компаниите со стручните училишта за нивна заемна соработка во реализација на практичната обука на учениците и промоцијата на стручното и дуалното образование кое придонесе за зголемување на бројката на запишини ученици во стручното образование. Стручната улога на Комората е видлива во изработка на годишни и двегодишни анализи за потребите од вештини на компаниите и испорака на барања за нови квалификации кои ќе се обезбедуваат преку образовниот систем и во подготовка на: 1. стандарди на занимање, кој го опишуваат потребното знаење, вештини и компетенции на ученикот за да биде способен да изведува работни задачи, должности и функции во рамките на занимањето; 2. стандарди на квалификација, каде се дефинираат знаењата, вештините и компетенциите кои треба да ги поседува ученикот откако ќе ја стекне квалификацијата и 3. образовна програма каде е дефинирано што треба да учи ученикот за да ги постигне пропишаните знаења, вештини и компетенции за да извршува одредени работни задачи, должности и функции, како и во хармонизирање на законската регулатива, изработка на системски документи (концепции, стратегии и методологии) и во креирање на уписната политика. Во делот на обезбедување квалитет учествува во организацијата на обуките за сертифицирање на менторите и во верификација на компаниите за реализација на практичната обука. Комората води регистри за сертифицирани ментори и верифицирани компании и портал за афирмација на стручното образование и обука.“ истакна м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во Комората.
На форумот Јаневска презентираше дел од конкретните активности на Стопанската комора во делот на стручното образование нагласувајќи дека во систем на коморски плурализам кои е воспоставен во нашата држава, Стопанската комора е единствената која има капацитет и човечки ресурси за обезбедување на функционално и пазарно ориентирано стручно образование и обука.
Свои излагања на форумот имаа и претставниците од Министерството за образование и наука, Центарот за развој на стручното образование, Центарот за образование на возрасните, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, како и претставникот на проектот „Образование за вработување“, финансиран од Швајцарската амбасада, кој дава поддршка во сегментот за стручно образование и обука.
На форумот присуствуваа претставници на ЕТФ Форумот за обезбедување квалитет, придружувани од директори на национални институции за стручно образование од петнаесет држави во Европа и кои во период од 12-16 мај, преку посетата на различни институции на Македонија и преку дискусиите со различни заинтересирани страни вклучени во системот на стручното образование ќе имаат можност поблиску да се запознаат со севкупните процеси кои ги презема нашата земја на ова поле со фокус на процесот на учењето преку работа, како и со стратешките и процесните документи кои се развиени на национално ниво во делот на стручното образование и обука. Врз основа на тридневните дискисии и анализи, ЕТФ Форумот ќе изготви Извештај со наоди и корисни препораки во насока на подобрување на системот за стручно образование и обука во нашата земја.