Бизнис платформата на Западен Балкан и ЕУ, организирана од Коморскиот Инвестициски форум на коморите на Западен Балкан (КИФ ЗБ), во Будва одржаа заеднички состанок кој беше посветен на проценка на напредокот на економиите на Западен Балкан три години по лансирањето на Планот за раст и две години по усвојувањето на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар 2.0. На состанокот учествуваа претставници на компаниите членки на Бизнис советот на КИФ ЗБ, стопанските комори од регионот, Европската комисија, ЦЕФТА Секретаријатот и Регионалниот совет за соработка, а истиот се одвиваше на маргините на Економската конференција „Монтенегро 2026“, што се одржа под слоганот „Поврзани економии за посилна Европа“, а во пресрет на овогодишниот Самит на Берлинскиот процес.
Фокусот на дискусијата беше во насока на поефикасно спроведување на реформските процеси, забрзувањето на протокот на стоки со ЕУ, развојот на транспортната инфраструктура, и можностите за користење на европските фондови како двигател на развојот. Посебно внимание беше посветено на подобрувањето на условите за работење и зајакнувањето на конкурентноста на компаниите во процесот на приближување кон единствениот европски пазар.
Беа презентирани наодите и препораките од Извештајот за имплементација на регионалниот заеднички пазар, како и анализа на трговските можности и регионалните вредносни синџири во Западен Балкан, додека дискусиите се фокусираа на конкретното влијание на регионалните реформи врз секојдневното работење на компаниите, пречките за интрарегионалната трговија и влијанието на европските регулативи врз деловното опкружување.
Беше истакнато дека иако регионалната соработка постигнала значителен напредок во изминатиот период, сепак економскиот потенцијал на регионот не е целосно искористен. Од перспектива на стопанствениците, клучното прашање е многу едноставно - дали една компанија може да ги достави своите стоки до купувачот на време, под познати услови и без непредвидени трошоци. Согласно дискусијата, подвлечено е дека чекањето на граничните премини, неконзистентното работно време на надлежните служби, повторените контроли, нејасните барања за документација и непредвидливоста на трговските мерки продолжуваат да претставуваат конкретни пречки за бизнисот и создаваат дополнителни трошоци за компаниите.
Како следни чекори, заедно со ЕК и регионалните организации, посебно ќе се посвети внимание во идентификување на ограничен број најзначајни и најдокументирани пречки со кои се соочуваат компаниите, одредување на надлежните институции и роковите за нивно решавање, како и подобрувањето на претходната размена на податоци, координација на работата на надлежните служби и контролите врз основа на проценка на ризикот.
Заедничката порака на бизнис заедницата беше дека хармонизацијата со европските стандарди треба да биде придружена со поедноставување на процедурите и постепено отворање на пазарните можности за компаниите од Западен Балкан.
За време на состанокот се изврши и презентација на студијата – Мапирање на потенцијалните вредносни синџири преку регионална интеграција на економиите од Западен Балкан, изработена преку ЕУ проектот на КИФ, а која предизвика огромна заинтересираност и кај институциите, но и кај стопанствениците за кои ова ќе биде корисна алатка во утврдување на потенцијалите пазари каде ќе може да ги пласираат своите производи.
Во Будва се одржа и седница на Управниот одбор на КИФ, со присуство на претставници на Европската комисија, а фокусот беше ставен на спроведувањето на активностите во рамките на тековниот проект Поддршка од ЕУ за КИФ во развој на заедничкиот регионален пазар, како и други проекти чија имплементација е во тек.