„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

АЗЕСКИ И ПЕРИНСКИ НА РАБОТНА СРЕДБА

28.05.2026

| Новости

-Фокус на дискусијата - локалниот економски развој и инфраструктурните инвестиции

 Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со претседателот на Здружението за градежништво, производство на градежни материјали и неметали при Комората Андреа Серафимовски остварија работна средба со министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

 

На средбата се разговараше за унапредување на соработката помеѓу министерството и Комората, со посебен акцент на тековните активности кои во моментот се спроведуваат во делот на локалниот економски развој и инфраструктурните инвестиции кои се можност за подобрувањето на условите за работа на компаниите на локално ниво.

Беше истакнато и дека силните и функционални општини претставуваат еден од клучните предуслови за конкурентна економија, привлекување инвестиции и рамномерен регионален развој.

Во фокусот на разговорите беа повеќе значајни теми поврзани со процесот на децентрализација, изнаоѓање на начини за заедничкото користење на фондови, како и можностите за продлабочување на соработката на Комората со општините и планските региони.

Претседателот Азески во делот на децентрализацијата отвори дискусија за ингеренциите на општините , дека е добро да постои тело од претставници на општини, кои може да понудат кадар и заеднички да работат со Комората на проектни активности, а да се интензивира и соработката со бизнисот на планските региони.

Локалната самоуправа претставува важен партнер во создавањето поволна и предвидлива средина за развој на приватниот сектор, особено преку ефикасно спроведување на надлежностите, поквалитетни услуги и создавање подобри услови за работа и развој, изјави министерот Перински.

Посебен акцент беше ставен на дигитализацијата на локалните услуги, при што беше оценето дека дигиталната трансформација на општините претставува директна поддршка за приватниот сектор. Во таа насока беше истакнато дека секој скратен рок, секоја поедноставена постапка и секоја електронска услуга значат поефикасни институции и подобра деловна клима за компаниите.

На средбата се разговараше и за активностите поврзани со ажурирање на базите на даночни обврзници, при што беше потенцирана важноста од воспоставување фер и транспарентен систем, подобрување на наплатата на локалните приходи и нивно насочување кон услуги и инфраструктура што директно им се враќаат на граѓаните и компаниите.

Во делот на рамномерниот регионален развој беше отворено и прашањето за учеството на бизнис заедницата во процесите на планирање и креирање политики на локално и регионално ниво. Притоа беше истакнато дека бизнис заедницата е вклучена уште во фазата на подготовка на развојните политики преку свој претставник во Советите за развој на планските региони, со што се овозможува нејзино активно учество во креирањето на регионалните приоритети и развојни насоки.

Заеднички беше констатирано дека министерството за локална самоуправа треба да остане да поддржува иницијативи што ќе придонесат кон поефикасни општини и подобри услуги за граѓаните и компаниите.