Народната банка на Република Северна Македонија, во партнерство со Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори – MIFA, одржа презентација наменета за компаниите, фокусирана на практичната примена и предизвиците поврзани со СЕПА-плаќањата.
Презентацијата имаше цел на компаниите подетално да им ги доближи новите правила за прекугранични трансакции во евра, како и придобивките што произлегуваат од приклучувањето кон СЕПА. Овој настан претставува дел од пошироките активности на Народната банка за информирање и поддршка на домашните компании во процесот на усогласување со европските стандарди во платниот систем, особено по интеграцијата на банките од земјата во СЕПА. Народната банка ќе продолжи активно да работи на приближување на придобивките од СЕПА до компаниите и пошироката јавност, преку континуирана соработка со банките, релевантните институции и деловната заедница, со цел навремено согледување и надминување на евентуалните предизвици во практичната примена.
Покрај информативниот дел, презентацијата овозможи и интерактивна дискусија, при што учесниците од компаниите ги споделија своите искуства и предизвици со кои се соочуваат во секојдневното работење. На состанокот беше истакнато дека СЕПА носи значајни придобивки, како што се побрзи трансакции, пониски трошоци и поголема транспарентност, што е од особено значење за компаниите кои имаат чести плаќања кон странски партнери, особено во Австрија, Италија, Германија и Грција.
MIFA ќе продолжи да ги охрабрува сите иницијативи за подобро информирање на деловната заедница и ќе подржува мерки и активности кои ќе ја зголемат функционалноста и ефикасноста на државните институции.