„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во Стопанската комора во соработка со Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ), се додели грант во износ од 495.350 евра, за опрема, машини и инфраструктура на Земјоделскиот факултет при „УГД“ Штип и СОУ „Кочо Рацин“, Св.Николе, за практична обука во рамки на дуалното образование и проширување на нејзината програма за кооперативна обука, co шест компании. Активноста е во рамки на одржлива конкурентност на бизнисите од Западен Балкан 6, на патот кон единствениот пазар на ЕУ, а целта на настанот беше можност да им се оддаде признание на луѓето и партнерствата што ја обликуваат иднината на професионалните вештини во Северна Македонија.
„Голема благодарност до германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер и до Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово, како и до Михаил Харари, заменик шеф на мисијата, Амбасада на Швајцарија во земјата, кои ја препознаа потребата за поддршка на процесот на дуалното образование и во средното стручно, и во високото образование, за стекнување вештини кај завршените ученици и кај дипломираните студенти преку реализација на практична обука и учењето преку работа во компании што претставува еден од трите приоритети во програмските цели на Стопанската комора: создавање кадар што одговара на реалните потреби на економијата, подобрување на извозот и регионална соработка. Процесот е поддржан преку Коморскиот инвестициски форум кој ја смени целокупната слика во нашите размислувања. Мислам дека направивме многу за развој на бизнисот на Западниот Балкан, најмногу на нашето поврзување и на заеднички настап пред трети пазари, коишто во интерес на сопствениот развој го поттикнаа вложувањето во креирање кадар за своите потреби“, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на настанот по повод соопштување на добитникот на грантот од четвртиот повик.
Покрај финансиските придонеси, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, се осврна на подлабоката мисија на Регионалниот фонд за предизвици – да негува вештини кои ќе осигурат дека Западен Балкан ќе остане витален и отпорен дел од европското семејство: „Мораме да ги зајакнеме локалните економии, да инвестираме во вештини и да градиме синџири на снабдување кои се помалку ранливи на глобални нарушувања. Како Германија, заедно со Швајцарија, горди сме што го поддржуваме ова партнерство. Им благодарам на сите наши партнери за нивната силна посветеност. Заедно градиме посилна Европа.“, вели амбасадорката на СР Германија. Михал Харари, заменик-шеф на мисијата на Швајцарската амбасада, укажа на пошироката амбиција зад швајцарскиот придонес во Фондот – не само во инфраструктурата, туку и во видот на соработка помеѓу училиштата и работодавците што на младите им дава вистинско место на пазарот на труд. Посочи дека - соработката меѓу образовните институции и приватниот сектор им овозможува на младите да стекнат вештини што се усогласени со потребите на компаниите, отворајќи им пристап до поквалитетни работни места и создавајќи поконкурентен приватен сектор со квалификувана работна сила. Швајцарија останува посветена на соработката со Северна Македонија во оваа насока, вели Харари.
Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Северна Македонија, посочи дека, учениците ја препознаа вредноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени, не само со теоретско, туку и со практично знаење. Затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта од година во година е сѐ поголем. Им благодарам и на германската и на швајцарската амбасада што се промени перцепцијата за средните стручни училишта.
Истакнувајќи ја трајната вредност на професионалното мајсторство, Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово, потенцираше зошто човечката вештина останува крајната конкурентска предност во ерата на вештачката интелигенција (AI). При тоа истакна дека, влегуваме во ера обликувана од брзи технолошки промени, вклучувајќи го и подемот на вештачката интелигенција. Мислам дека во овој развој вештите работници остануваат не само релевантни, туку и неопходни. Иако вештачката интелигенција ја подобрува ефикасноста, таа не може да го замени практичното искуство, практичното расудување и човечката приспособливост во реални услови. Вештачката интелигенција сè повеќе ќе служи како алатка за поддршка на таквата работа, но нема да ја замени, посочи Реме.
На затворањето на настанот беше испратена јасна порака: вистинските промени се случуваат преку соработка. Со секое ново партнерство што го поддржува, Регионалниот фонд за предизвици помага во создавањето работна сила која е подобро подготвена, поадаптибилна и поблиску усогласена со потребите на економијата – создавајќи трајни можности и за бизнисите и за следните генерации.
Низ четири отворени повици, РЦФ додели вкупно 7,63 милиони евра за 17 проекти во Северна Македонија, вклучувајќи 88 партнерски компании заедно со 12 стручни училишта и 5 факултети.
На четвртиот повик за предлог проекти, во сите 6 земји од Западен Балкан пристигнаа 187 пријави за интерес, од кои 14 беа од Северна Македонија. Комисијата за избор, согласно расположливите средтсва во Фондот, одлучи да финансира еден проект од Северна Македонија со вкупен износ од 495,350 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовна установа и за обезбедување обука на учесниците во програмите за кооперативно образование.
|
Германското сојузно министерство за економска соработка и развој додели 73,4 милиони евра на РЦФ, а швајцарската влада застапувана од страна на Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC) кофинансираше дополнителни 10 милиони евра. Средствата беа доделени на kfW Развојната банка, а реализирани од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (ЗБ6–КИФ), како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот. |