„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Образование - инвестиција во бизнисот

Преку отворен и кариерен ден УГД и Комора прават спој помеѓу науката и бизнисот

 Континуитетот на соработката меѓу академската заедница и деловниот сектор, во заедничко унапредување на кариерниот развој на студентите како идни стручни кадри, беше потврден со организацијата на Отворен и кариерен ден на УГД, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија и Општина Штип.

Настанот претставуваше значајна можност за директна средба меѓу студентите и компаниите. Преку оваа платформа, апсолвентите се запознаа со актуелните програми за вработување и кариерен развој, додека бруцошите добија информации за практична обука – како за време на студирањето, така и по нивното завршување, а средношколците пак добија информации за можностите за студирање на некој од 12 факултети од областа на општествените, природните, медицинските и техничките науки, како и 3 академии од областа на уметноста.

Трета година по ред, овој настан претставува место каде се обединуваат науката и бизнисот. Повеќе од 60 компании имаа можност да ги презентираат можностите за вработување пред идните академски граѓани. Студентите имаа можност од прва рака да се информираат за современите кариерни можности и за новите работни позиции што се појавуваат како резултат на динамичните промени во индустриските сектори.

Организаторите истакнаа дека ваквите настани се клучни за продлабочување на соработката меѓу академската заедница и деловниот сектор, како и за поттикнување на професионалниот развој на идните стручни кадри.

Настанот го отвори проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кој пред присутните порача дека настанот нуди комбинација на можностите за студентите да ги истражат своите кариерни патишта, додека пак потенцијални студенти добиваат подетални информации за студиските програми во насока на нивно подобро информирање во процесот на донесување одлуки за продолжување на своето образование. Изминатите години УГД вложува во квалитетот на студирањето и интернационализацијата на факултетите и академии преку европската Асоцијација од девет универзитети, а во која членка е и УГД, како и соработката со приватниот сектор со што се создава можност тоа што ќе го научат на Универзитетот да не остане на хартија туку да се реализира и тие навистина да бидат идни креатори на една успешна, здрава средина и да живеат во нашата држава заклучи Мираковски.

Во име на Стопанската комора на Северна Македонија, се обрати д-р Татјана Штерјова Душковска, оперативен директо за развој, иновации и знаење која истакна дека дипломата е само почеток, вистинската предност ја носат практичните вештини, критичкото размислување и способноста за адаптација. Практичната обука и менторството се мостот меѓу учењето и реалниот свет, а бизнис-заедницата е партнер во тој процес. Стопанската комора веќе две децении работи на развој на човечкиот капитал и реформа на образованието, со јасна цел: кадар креиран по мерка на бизнисот. Само така можеме да изградиме систем што не само што одговара на денешните потреби, туку ја создава иднината, заклучи Штерјова Душковска.

Стопанската комора на Северна Македонија останува посветена кон остварување на своите стратешки приоритети, а токму образованието по мерка на бизнисот е еден од врвните приоритети на Комората, која во следниот период ќе продолжи да работи на остварување на три цели во овој домен: промена на уписната политика во високото образование каде квалитетот на знаењата и компетентноста ќе бидат поважни од квантитетот на студенти, поголемо учество на бизнис заедницата во креирањето и ревизијата на студиските програми за тие да бидат усогласени со реалниот пазар и градење на независно и професионално тело за акредитација и евалуација, кое ќе обезбеди стандарди на квалитет засновани на резултати и релевантност.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека развојот на градот е директно поврзан со развојот на универзитетот, при што локалната самоуправа активно работи на подобрување на условите за да го направи Штип попривлечен за студентите.

Советот за унапредување на стручното образование и стратешките истражувања, при Стопанската комора на Северна Македонија и во следниот период продолжува со идентификување на потребите на работодавците од високообразовни квалификации и ќе биде мостот помеѓу приватниот сектор и универзитетите, поттикнувајќи нови форми на соработка кои ќе ги унапредат врските меѓу науката и бизнисот. Минатогодишната анализа на потребите на работодавците од високобразовни квалификации, идентификува дека 53% од компаниите веќе имаат некаква форма на соработка со факултетите, особено во секторите на финансиски дејности, дејности на осигурување, преработувачка индустрија, градежништво и трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли. Од регионален аспект, пак, најголем потенцијал за соработка има во Скопскиот, Источниот, Пелагонискиот и во Југозападниот плански регион.
Повеќе за Анализата на следниот линк