„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Подобро корисничко искуство и санкционирање на нелегалните и нелиценцирани осигурителни канали за дистибуција

На 01 април 2026 година, во Стопанската комора на Северна Македонија, осигурителната индустрија одржа координативен состанок.

На состанокот присуствуваа осигурителните друштва за неживотно осигурување – членки на Групацијата на осигурувањето при Комората, осигурително-брокерските друштва – членки на Асоцијацијата на осигурителни брокерски друштва при Комората, како и регулаторот – Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) и директорот на Националното биро за осигурување (НБО).

Главна тема на состанокот беше усогласување на работењето помеѓу осигурителните друштва и осигурително-брокерските друштва, согласно Укажувањето на регулаторот за доследна примена на Законот за супервизија на осигурување во делот на вршењето на осигурително-брокерски дејности. Ова усогласување треба да заврши најдоцна до 01 јули 2026 година.

За таа цел осигурителните друштва и Националното биро за осигурување работат на надградба на постоечките системи (системот за централна евиденција на полиси и штети) со нови модули за издавање на фактури (анекси) за одложено плаќање. Со ова ќе се обезбеди рамноправен пристап на сите овластени дистрибутивни канали под исти услови. Воедно, со воведувањето на овие измени, целта е заштита на осигурениците преку воспоставување на фер конкуренција, спречување на евентуални злоупотреби, како и воведување на повисока дисциплина во осигурителната индустрија.

Учесниците на состанокот го посочија и проблемот со несоодветната пазарна пракса, во која одредени нелиценцирани субјекти (правни и физички лица) дистрибуираат осигурителни производи без поседување на соодветна лиценца. Исто така, беше отворено и прашањето за заобиколување на законската регулатива преку промоторски и маркетинг договори, кои во суштина функционираат како посредна продажба на осигурување. Во иднина, ваквите практики ќе се пријавуваат во АСО, а и контролата од страна на регулаторот – АСО ќе се зајакне во овој домен.

Учесниците на состанокот се согласија дека имаат заедничка и единствена цел -  градење на стабилен, транспарентен и современ пазар на осигурување кој ги почитува основните законски начела и е усогласен со европските стандарди.