„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески - „Бизнисот до бизнисмените, политиката до политичарите“

03.03.2026

| Актуелно

Порака од Копаоник бизнис-форумот

Во рамки на активностите што се реализираат на Копаоник бизнис форумот годинава, на 33- то издание на балканскиот ДАВОС, и 35-те панел дискусии, бизнис лидерите од регионот на Западен Балкан дискутираа на тема - „Заедно напред: Регионална интеграција на Западен Балкан“. Фокусот на дискусијата беше на ефектите од регионалната соработка во трговијата и логистиката и како политичките односи во регионот влијаат врз економијата, особено преку забавувања и доцнења во протокот на стоки. Се постави и прашањето како регионот може да дејствува посилно, поконкурентно и на покоординиран начин кон Европската Унија и глобалните инвеститори.

Претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, посочувајќи ја потребата од фер односи и еднаков третман на локалните и глобалните инвеститори, нагласи дека приватниот сектор мора да има простор да ги води процесите на економска соработка и конечно бизнисот да биде оставен на страна од политиката, бидејќи, економијата и бизнис односите може да бидат само поддршка на развојот и перспективите на државите во регионот, а никако пречка.

На панелот се дискутираше и за проблемите на границите со Европската Унија, согласно престојот на транспортерите во земјите од ЕУ и дека блокадите не се решение на проблемот бидејќи штетата од затворање на границите во јануари достигна околу 90 милиони евра дневно. Беше констатирано дека напредокот на евро-интегративните процеси е видлив, но дека е долгорочен и бара постојано прилагодување. Мора постојано да се работи на себе подобрување и да се менуваат работите и состојбите таму каде што треба. Капиталот секогаш го наоѓа својот пат таму каде што има стабилност и јасни правила, беше заклучено.

Модератор на панелот беше Александар Радовановиќ, директор на Центарот за регионална соработка на Српската стопанска комора, покрај претседателот Азески, присуствуваа и Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, Дејан Микеревиќ, Економски факултет, Универзитет во Бања Лука, Горан Пекез, директор за корпоративни работи и комуникации за Западен Балкан во JTI, Давид Пиегазки, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и Небојша Шапониќ, коосновач, НЕЛТ Груп.

 
 

Во рамки на активностите на Копаоник, претседателот Азески учествуваше и на настанот во организација на компанијата „Експо 2027“ со бизнис претставници и компании кои имаат искуство со учество на светски изложби, каде фокусот на дискусијата е како оваа меѓународна манифестација да се искористи за економски развој и бенефит на стопанството на државата каде се организира но и со позитивни ефекти на регионот.

На бизнис форумот, се дискутира за актуелни теми: макроекономски политики, дигитална економија, креативни индустрии, вештачка интелигенција, регионална соработка, инфраструктура, инвестиции, иновации, банкарство и осигурување, земјоделство, зелена транзиција, здравство и образование. Но секако и за моменталните случувања во светот кои имаат силно влијание на економските текови.

Бизнис форумот во Копаоник, како настан од висок профил, во партнерство со Мастеркард (Mastercard), е организиран од Алијансата на економисти на Србија под директно водство на претседателот на српското здружение на економисти Александар Влаховиќ.