ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МАКЕДОНСКАТА БАНКА ЗА ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ



             Со Предлог – законот за изменување и дополнување на законот за македонската банка за поддршка на развојот, согласно известувањето на Министерството за финансии се олеснува пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни компании, особено во услови на отежнато работење и намалени приходи и ликвидност како последица од пандемијата, преку воспоставување на државна гарантна шема.
Со предлог – законот меѓу другото се предвидува следното:
             За поддршка на развојот преку гарантирање на кредити за обртни средства и за основни средства од страна на банки и штедилници кои од гувернерот на Народната банка на РС Македонија добиле дозвола за основање и работење, во РБСМ се организира Гарантен фонд како посебна организациона единица.
Средствата на Гарантниот фонд се обезбедуваат од:
          1) Буџетот на Република Северна Македонија, како неповратни средства во износ од 10 милиони евра;
          2) заеми и/или кредитни линии од меѓународни финансиски институции;
          3) донации од земјата и странство;
          4) приходи од провизии за издадени гаранции и
          5) приходи од пласмани во хартии од вредност.
             Владата на Република Северна Македонија со одлука може да го зголемува износот на неповратните средства од Буџетот на РС Македонија.
            Средствата на Гарантниот фонд се користат за издавање гаранции за обезбедување на плаќања по основ на главница на новоодобрени кредити за обртни средства и за основни средства со рок на доспевање до 8 години со однапред предвидена динамика, одобрени од страна на комерцијални банки и штедилници.
            Корисници на гаранциите можат да бидат микро, мали и средни трговци, како и големи извозно-ориентирани трговци регистрирани во РС Македонија. 
            Големи извозно-ориентирани трговци во смисла на овој закон се трговски друштва во кои приходите по основ на извоз имаат учество од најмалку 30% во вкупните остварени приходи во фискалната година која и претходи на годината во која е одобрена гаранцијата.
Гаранциите не се одобруваат за проекти кои:
          1) се финансирани со средства од РБСМ;
          2) ја загадуваат животната средина и природа;
          3) се наменети за производство и дистрибуција на оружје и воена опрема;
          4) се наменети за производство на тутун, дрога и други опојни средства;
          5) се поврзани со игрите на среќа;
          6) вклучуваат експерименти врз живи животни;
          7) се поврзани со трговија на недвижности;
          8) се поврзани со финансиски активности, како на пример трговија со финансиски инструменти и
          9) ги реализираат трговски друштва во државна сопственост или трговски друштва во кои РС Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина.
Гарантниот фонд гарантира до 80% од кредитите за обртни средства и до 50% од кредитите за основни средства.
За одобрување гаранции на корисниците на гаранциите се применуваат:
          1) портфолио гаранции;
          2) индивидуална гаранција или 
          3) комбинација од портфолио гаранции и индивидуална гаранција.


 


Контакт лице: м-р Нена Николовска
Телефон: ++ 389 2 3244054
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: nena@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје