НОВИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ВЛЕЗ И ИЗЛЕЗ ОД ЗЕМЈАТА ЗА ТРАНСПОРТНИТЕ КОМПАНИИ

   

АКТУЕЛНО / 23.03.2020
👁 Прочитано: 259


НОВИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ВЛЕЗ И ИЗЛЕЗ ОД ЗЕМЈАТА ЗА ТРАНСПОРТНИТЕ КОМПАНИИ

Транспортот на стока се нормализира, воведени се и нови процедури за превоз на стока како во домашниот така и во меѓународниот транспорт согласно настанатата состојба, информираа денеска на прес конференција министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

Министерот Сугарески информираше дека е постигнат договор со сите надлежни институции за тоа, секоја транспортна компанија за влез и излез од земјата од утре мора да поседува дозвола која се однесува на професионални возачи на товарни возила а која ќе ја издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

“ Овие нови процедури се воведуваат за непречено одвивање на меѓународниот транспорт на стока.  За да нема застој,  ги упатуваме транспортните компании дозволите да ги вадат и преку Асоцијациите на транспортери. Исто така утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар - растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот потенцираше дека на компаниите на располагање им стои и целиот капацитет на  железнички транспорт.  

Тој информираше и за тоа дека запазени се сите мерки и ограничувања во делот на превозот на патиници. Во однос на градежниот сектор, министерот истакна дека се очекува намалување на градежната активност заради настаната состојба но и дека нема голем застој во реализација на капиталните проекти.