ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
01.10.2019 👁 Прочитано: 514

БЕЗ ЗДРАВИ ТЕМЕЛИ ВО СИСТЕМОТ, НЕМА РАСТ И ПРОГРЕС


д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори во Стопанската комора на Македонија

- излагање на Тркалезната маса на тема: „ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС”, во организација на Стопанската комора на Македонија (26.8.2019 година)

Гледано наназад, првиот импулс на човековата рудиментарна свест е да ја спроведе правдата со свои сопствени раце – потребни биле моќни историски напори за да може во човековата свест идејата за правда што е самостојно здобиена да се замени со правда што им е доверена на државните органи. Сепак, состојбите во македонското правосудство години наназад како да се закануваат да не` вратат на почетоците, кон нагонот во ситуација на неправда секој да ја спроведува правдата со сопствени раце.

Просечниот граѓанин, па и најголемиот дел од деловните субјекти, многу почесто, да не речам на дневно ниво, се соочуваат со системот на граѓанската правда, отколку со системот на кривичната одговорност – и затоа, од суштествено значење е обезбедувањето овој систем на граѓанско-правна заштита да функционира ефикасно.

Што би значело тоа?

Ефикасноста, најопшто земено би значела дека системот за правораздавање треба да успева да постигне соодветен баланс помеѓу два критериума – од една страна, резултатот на постапката треба да биде точен одраз на фактичката реалност, но и да остава чувство на правичност кај сите засегнати субјекти, но од друга страна, тоа треба да биде направено во што е можно пократки рокови и без предизвикување на непотребни трошоци.

Постигнувањето баланс помеѓу овие две цели не е едноставно – потребата за обезбедување ефикасност во системот можеби најдобро ја појаснува еден поранешен претседател на Врховниот суд на Австралија, кој за сопствениот систем на заштита вели:

„Тој го претставува „Ролс-Ројс“ на системите за заштита на граѓанските права, но нема многу смисла да имаш „Ролс-Ројс“ во гаражата ако не можеш да си дозволиш да му ставиш гориво за да го возиш каде што сакаш. Можеш да седиш во него, да го полираш, да му се восхитуваш, да се фалиш со него, да им го позајмиш на богатите пријатели или да го дадеш на луѓе кои можат да си дозволат да го возат, но не можеш да го користиш за неговата основна намена – да се превезеш од точка А до точка Б. Можеби би ни било подобро ако го замениме нашиот „Ролс-Ројс“ со полесно возило со помала потрошувачка на гориво.“

Повеќе од јасно е дека нашиот правосуден систем е далеку од „Ролс Ројс“, но сепак, предизвикува поголеми расходи од перформансите што ги покажува.

Податоците од Европската комисија за ефикасност на правдата (ЦЕПЕЈ), од една страна, покажуваат дека инпутите во системот за заштита не се мали - буџетот кој се алоцира во судовите во изминатите 12 години е зголемен за речиси 50%, од 19,5 милиони евра во 2004 година на 29,9 милиони евра во 2016 година (средства во вредност од 0,43% од националниот БДП за разлика од европскиот просек, кој се движи околу 0,35%), додека во системот се ангажирани 566 судии, односно 27 судии на 100.000 жители (сé уште повеќе од европскиот просек од 22 судии на 100.000 жители).

Сепак, од друга страна, резултатите на тој систем се проблематични. Иако податоците на Европската комисија за ефикасност на правдата регистрираат просечно времетраење на првостепената постапка во граѓански и трговски спорови од 223 дена (подобро од европскиот просек, кој според податоците за 2016 година е 232 дена), најголемиот број од стопанствениците ќе се согласат дека во голем број од судовите, толку време поминува од приемот на тужбата до терминот на одржување на првото рочиште... При тоа, правичноста на постапката и точноста на одлуката што се донесува се приказна самите за себе – тие не се мерливи со овие критериуми, но за жал, многу често оставаат чувство на разочараност од системот.

Затоа, потребен ни е ремонт што побрзо – илузорно би било да се надеваме дека некогаш ќе имаме „Ролс Ројс“ на располагање за оваа намена, но под итно ни е потребно поефикасно возило што ќе не` носи до саканата дестинација – брзо и правично завршување на поведените постапки. Без поставувањето здрави темели во системот, не можеме воопшто ни да размислуваме на теми како раст на БДП, конкурентност, извоз, инвестиции..., кои ќе носат раст и прогрес.

БЕЗ ЗДРАВИ ТЕМЕЛИ ВО СИСТЕМОТ, НЕМА РАСТ И ПРОГРЕС