ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
10.07.2019 👁 Прочитано: 521

„ЗЕЛЕНА НАФТА“ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ


„Зелената нафта“ деновиве конечно достапна за земјоделците. Мерката ќе опфати 55.000 производители, а предвидува со државни пари да се покријат 30 проценти од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација. Средствата се обезбедени и програмирани во буџетот на Платежната агенција. За да користат „зелена нафта“, земјоделците треба да имаат наменски, типизирани трансакциски сметки и посебни дебитни картички од банки. Од страна на ресорното Министерство е изработена  методологија за секоја култура одделно. Точно се знае колкави се трошоците за гориво по хектар.

Кофинансирањето за почеток е 30 отсто од трошоците, но со оглед на тоа дека се работи за нова мерка што прв пат се воведува, не е исклучено овој процент во иднина да се зголеми до 50. Користењето на картичките е предвидено да биде за повеќе години. Земјоделците би можеле да ги користат во сезоните кога вистински таа нафта се употребува за конкретното земјоделско производство за кое е наменета.
 
Инаку мерката беше предложена како поддршка на земјоделците, односно како опција што треба да го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за дизел-горивото. Практично, би требало, земјоделците да купуваат нафта по двојно пониска цена од продажната. Ако литар чини 60 денари, за нив ќе биде 30.

Во ноември 2017 година, со законски измени, за три денари се зголеми висината на акцизата на дизелот што се користи како погонско гориво, како и на гасното масло што се користи како гориво за греење, а тоа повлече поскапување на дизел-горивото за 3,5 денари.

Васко Ристовски

„ЗЕЛЕНА НАФТА“ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ
„ЗЕЛЕНА НАФТА“ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ