ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.04.2019 👁 Прочитано: 841

ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА - КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ


Во присуство на претставници на голем број компании, на 15.4.2019 година во Стопанската комора на Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, се одржа презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, во своето обраќање информираше дека Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е наменет за микро, мали и средни претпријатија од сите сектори, како и приватни здравствени установи кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие, установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност или ПЗУ. Целта на Инструментот е да се поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, меѓусебната соработка на компаниите и соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научноистражувачките установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации.

- Добро е што профилот на компании - апликанти кои аплицираат во рамките на повиците што ги објавува Фондот во последно време се менува во позитивна насока, при што во рамките на повиците аплицираат компании од најразлични дејности, од кои околу 60% од апликантите се компании од ИТ-секторот, додека околу 40% се апликанти од другите сектори – енергетика, животна средина, земјоделие и други сектори. Воедно, ги поттикнуваме компаниите од сите региони и градови да аплицираат во рамките на повиците, - истакна Деспотовски.

Во рамките на презентацијата беше посочено дека активностите коишто може да бидат финансирани во рамките на проектот се однесуваат на активности за истражување и развој, тестирање, заштита на интелектуална сопственост, дизајн, развој на пилот линии, активности поврзани со обезбедување квалитет и активности за маркетинг и продажба кои се насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот, додека времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 24 месеци.

За апликантот да биде подобен за добивање кофинансиран грант, треба да станува збор за трговско друштво кое е основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија или за приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија кои имаат до 250 вработени, и се во мнозинска (50,1% или повеќе) македонска сопственост, чии годишни приходи не надминуваат 10.000.000,00 евра, според финансиските извештаи за претходните две фискални години.

Трошоците кои се прифатливи за финансирање може да се однесуваат на бруто платите на вработените (за лица вработени кај корисникот и членовите на конзорциумот), набавка и/или изнајмување опрема и потрошни материјали за истражување и развој, поддоговорни услуги за истражување и развој (на пример, тестирање, лабораториски услуги и сл.), ангажирање експерти/советници за истражување и развој, ангажирање консултанти за останати потреби директно поврзани со очекуваните резултати на проектот, подготовка и поднесување пријава за патент, заштита на трговска марка/или индустриски дизајн, како и трошоци за маркетинг и канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци и сл.). Во рамките на презентацијата беше нагласено дека прифатливи се само оние трошоци кои за апликантот би настанале по добивање на грантот, додека трошоците за реализирани активности (на пример, пишување проектна апликација) не се прифатливи за финансирање.

Максималниот износ на финансиска поддршка од страна на Фондот може да изнесува до 325.000,00 евра, при што зависно од големината на правното лице апликант максималниот износ на процентот на кофинансирање од страна на Фондот изнесува 70% за микро и мали компании и 60% за средни компании, а преостанатите 30%, односно 40% од вкупниот буџет на проектот треба да бидат обезбедени од страна на апликантот.

Деспотовски го истакна и принципот на „ројалти“, чија цел е заедничка поделба на ризикот, но и успехот помеѓу добитникот на грантот и Фондот. Овој принцип подразбира дека во случај на успешна реализација на проектот, корисникот треба да отплатува „ројалти“ кон Фондот во износ од 5% од вкупниот приход генериран од резултатите на проектот, во времетраење од 5 години по завршувањето на проектот, или пак до исплата на 120% од доделената сума од страна на Фондот.

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 15.5.2019 година.

За финансирање проекти под овој повик за овој инструмент обезбеден е вкупен буџет од 5 милиони евра, од кои 3 милиони евра ги обезбедува Владата на Република Северна Македонија, а 2 милиона евра се обезбедени од Светската банка.

м-р Нена Николовска

ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА - КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА - КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА - КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА - КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ