ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
28.03.2019 👁 Прочитано: 5704

Дуално образование – придобивка за ученикот, компанијата, економијата и општеството во целина


Динамичниот раст и развој на економијата, технологијата и глобалниот пазар  ja наметува потребата за оспособена и квалитетна работна сила која ќе се приспособи на предизвиците и потребите на пазарот на труд, од една страна и за флексибилност и динамичност на образованието кое треба да одговори на релевантните потреби на пазарот на труд за квалификувана работна сила, од друга страна. Затоа, во образовниот систем потребно е итно воспоставување нов функционален пристап при стекнување на теоретските знаења и практични вештини, преку воведување на дуалното образование. Дуалното образование поттикнува фокусот да биде насочен кон поголема соработка со работодавачите, а стекнувањето на стручните знаења, практичните вештини и компетенции на ученикот, од училница, да се помести во нова средина, на самото работно место. Ученикот минува низ целиот процес во компанијата каде ја реализира практичната обука, што е можност да навлезе во душата на компанијата и да го разбере процесот на нејзиното функционирање. Тоа подразбира стекнување работно искуство за ученикот и предност при негово вработување, а за компанијата добивање на оспособена работна сила. Во ваквиот пристап на учење, моделот дуално образование, ученикот својата практичната обука целосно ја спроведува кај работодавачот - во компанијата, а тоа подразбира и подготовка на наставни планови и програми според потребите на компанијата. Ова претставува типичен пример за јавно-приватно партнерство.

Дуалното образование очекуваме  да донесе многу придобивки, како за ученикот, така и за компанијата, но и за општеството и економијата во целост.

За ученикот тоа претставува процес на поврзување на неговите теоретски знаења со практичната примена на истите на работното место, стекнување искуство на работното место во реални услови и учење од искусни и вешти лица. Учејќи во компанијата и запознавајќи се со организациската култура, ученикот, истовремено покрај стручните,  ги подобруваи меките вештини: самодовербата, комуникацијата,креативноста, одговорноста претприемачките вештини. Со право може да кажеме дека преку практична обука во компанијата тој добива можност за избор на занимања, но и да инвестира во својата иднина.

Дуалното образование, за работодавачите, нуди можност да добијат оспособена и стручна работна сила токму од учениците кои за време на своето стручно образование се подготвувани за работа кај работодавач. Гледајќи пошироко за компанијата, голема придобивка е можноста да се има  избор на идна работна сила и регрутирање нови кадри со стручни компетенции, во кои, на почетокот од вработувањето, не ќе мора ништо да вложува. Истовремено, се зајакнува соработката помеѓу училиштата и работодавачите и можноста за активно учество во реализација на образовниот процес и јакнење на образовната функција на компаниите.

Во целиот процес е важно што Стопанската комора на Македонија и нејзините членки го поддржаа дуалното образование, бидејќи ја разбраа потребата ученикот да ја реализира практичната обуката кај работодавач, како една од можностите за воспоставување рамнотежа помеѓу потребите за квалитетна работна сила на пазарот на труд и оспособените и лесно вработливи стручни кадри кои излегуваат од образовниот систем и пред се`, намалување на невработеноста и подобрување на состојбата во стопанството и економијата.

Ајде сите заедно, сите чинители,  да поработиме на промена на јавната свест и да создадеме лесно вработлива работна сила потребна  на стопанството!

м-р Анета Трајковска
Оперативен директор во Стопанска комора на Македонија

Дуално образование – придобивка за ученикот, компанијата, економијата и општеството во целина