Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
10.10.2019 👁 Прочитано: 277

MЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЖЕНИ ВО ИНДУСТРИЈАТА“ ЗА РОДОВО ИНКЛУЗИВЕН И ОДРЖЛИВ РАСТ


Под мотото „Здружени лидери за унапредување на родовата еднаквост“, во Скопје се одржува дводневна Меѓународна конференција „Жени во индустријата“, на која домашни и странски експерти од повеќе области ги презентираат состојбите во компаниите и организациите во врска со родовата еднаквост во насока на подобрување на продуктивноста и општите перформанси.

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ се организира трета година по ред. Организатори се Асоцијацијата на здруженија на инженери и „ЕВН Македонија“ АД - Скопје.

– Горди сме што сме дел од оваа меѓународна конференција чија главна цел е промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жената во општеството. Како дел од индустрија во која доминираат мажите, сакаме да придонесеме кон рушење на стереотипите и преку сопствен пример да покажеме дека жените играат важна улога во компаниите и даваат незаменлив придонес во сите општествени активности, - истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“ и претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

„ЕВН Македонија“ веќе подолг период спроведува програми за поголема застапеност на жените во компанијата, а бројот на жени кои работат во оваа енергетска компанија расте на сите хиерархиски нивоа.

На конференцијата, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески,  истакна дека Комората дава силна поддршка на иницијативите и најдобрите практики коишто ја забрзуваат вклученоста на жените во работната сила што ќе доведе до економски раст и за таа цел ќе се формира Фонд за поддршка на активностите за родова еднаквост и родово инклузивен и одржлив развој.

Во оваа прилика претседателот Азески му врачи уметничка слика на Штефан Петер во знак на неговата непоколеблива  решеност за промоција на родовата еднаквост. 

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ ја отвори претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

- Како земја  - членка на меѓународната заедница, нашата земја се обврза да ги спроведе потребните мерки за да ги оствари Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година. Тоа имплицира дека ниту една од овие цивилизациски и хумани цели нема да биде остварена ако не ги вклучува девојките и жените како суштински фактори за остварување, или како целни групи на кои се однесуваат глобалните Цели за одржлив развој, - истакна премиерот Заев и додаде дека намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски раст. – Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените. Економски силните девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата, со остварување на нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работните места и на нивното право да бидат на раководни позиции, – подвлече премиерот Заев.

„Жени во индустријата“ е меѓународна конференција со економски императив за создавање родово инклузивен и одржлив раст, фокус на презентирање програми и иницијативи кои го забрзуваат вклучувањето на жените во работната сила, идентификување алатки кои ќе го олеснат пристапот на жените до разните кариерни можности, како и обезбедување средина во која жените професионалци и студентите имаат можност да преземат конкретни чекори кон унапредување на кариерата преку вмрежување и проширување на можностите за образование.

MЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЖЕНИ ВО ИНДУСТРИЈАТА“ ЗА РОДОВО ИНКЛУЗИВЕН И ОДРЖЛИВ РАСТ
MЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЖЕНИ ВО ИНДУСТРИЈАТА“ ЗА РОДОВО ИНКЛУЗИВЕН И ОДРЖЛИВ РАСТ