Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

06.12.2018


Актуелно  

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ИЗВОЗНАТА КОНКУРЕНТНОСТ НА МЕТАЛОПРЕРАБОТУВАЧКИОТ, ЕЛЕКТРО И МАШИНСКИОТ СЕКТОР ПРЕКУ ПРОЕКТ ВО РАМКИТЕ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ


Преку инструментот за поддршка - кофинансирани грантови за технолошка екстензија од Фондот за иновации и технолошки развој, Стопанската комора на Македонија е добитник на грант за Проектот „ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ИЗВОЗНАТА КОНКУРЕНТНОСТ НА МЕТАЛОПРЕРАБОТУВАЧКИОТ, ЕЛЕКТРО И МАШИНСКИОТ СЕКТОР ПРЕКУ ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДНИТЕ И ТЕХНОЛОШКИТЕ СПОСОБНОСТИ НА ИЗВОЗНО ОРИЕНТИРАНИТЕ МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА“.

Идејата за подготовка на ваков проект во Комората се темели на претходно спроведената експертска анализа на развојниот потенцијал и можности за производна диверзификација на металната, металопреработувачката, машинската и електроиндустријата, како индустриски гранки со силен развоен потенцијал за македонската економија.

Биљана Пеева Ѓуриќ

- Преку овој проект целта е како да се зголеми бројот на производи наменети за извоз, односно да се дојде од производи со ниска додадена вредност до производи со повисок степен на финализација, бидејќи евидентно е дека нивото на продуктивност и извозна софистицираност е неповолно и нема услови за раст, - истакна Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија. 

-Ова е стратешка определба на Стопанската комора на Македонија, бидејќи сметаме дека само преку издржани анализи и активности преку директна поддршка на приватниот сектор, ќе се обезбеди унапредување на производниот процес,  зголемување на конкурентноста на домашните производи, што ќе резултира со зголемен извоз како основен предуслов за поголем економски раст, - додаде Пеева-Ѓуриќ.   

Досегашните анализи на Стопанската комора на Македонија покажуваат дека постои потенцијал кај претпријатијата да произведуваат и да извезуваат производи со компаративна предност доколку спроведат инвестиции насочени кон надградување на производниот и технолошкиот процес.

Проектот ќе се реализира во период од 24 месеци, од кои во првите 6 месеци ќе биде фаза на дијагностицирање, односно идентификување на листа на нови производи кои ќе треба да имаат повисок степен на финализација и софистицираност од постојната структура, за да се дојде до производи кои ќе се извезуваат со поголема компаративна предност. Во рамките на Проектот детално ќе бидат проучени репродукциските процеси и индустриската поврзаност на ниво на поединечен производ во рамките на анализираните сектори, при што ќе бидат анализирани повеќе од 1200 производи кои се предмет на меѓународната трговија во овие сектори.

Во втората фаза на Проектот, врз основа на резултатите од дијагностиката и планот за подобрување во самите компании, ќе следи процес на реализација на конкретен инвестициски проект, односно набавка и инсталирање на нови машини и опрема, организирање на серија обуки за менаџерскиот кадар и вработените кои ќе управуваат со новата технологија, истражување на нови пазари каде претпријатијата можат да бидат конкурентни и други активности поврзани со самата имплементација на инвестициските проекти на компаниите. Со набавката на нови машини и опрема ќе се инсталираат нови производни линии или процеси што ќе доведе до зголемување на извозната диверзификација, а со тоа и до унапредување на извозната конкурентност на земјата.

Одржливоста на самиот проект произлегува од фактот што сите активности од дијагностиката кои се однесуваат на анализата преку која се идентификува листата на потенцијални производи во секторите кои ќе можат во иднина да се произведуваат и извезуваат, да се користи и од други компании во овие сектори придонесувајќи на тој начин да се подобри извозната конкурентност на целиот сектор.

Јадранка Аризанковска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права