21.11.2017 (Семинар)
ЕМПАТИЧНА ПРОДАЖБА - Нова перспектива на продажбата

21.11.2017 (Инфо сесија)
ИНФО СЕСИЈА ЗА ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ-ШТИП

23.11.2017 (Саем)
"24. Интернационален саем во Тирана"- 23-26.11.2017 Тирана, Р. Албанија

28.11.2017 (Бизнис средби)
„INTERNATIONAL MACHINERY AND PLANT ENGINEERING FORUM 2017“

28.11.2017 (Семинар)
ДЕЛОВНИ АСИСТЕНТИ (АРХИВСКО И КАНЦЕЛАРИСКО РАБОТЕЊЕ) И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВНАТРЕШНИОТ ПРОТОК НА ДОКУМЕНТИ

30.11.2017 (Семинар)
ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДЕЊЕ И НАЈБИТНИТЕ НОРМАТИВНИ И ПРАКТИЧНИ ПРАШАЊА И ПРОБЛЕМИ ПОВРЗАНИ СО ГРАДБАТА - ПРЕДМЕТ НА ТРГОВСКИТЕ СПОРОВИ

30.11.2017 (Бизнис средби)
БИЗНИС ФОРУМ И ДЕЛОВНИ СРЕДБИ МЕЃУ СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ И ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ КОИ ИМААТ ПОТЕНЦИЈАЛ ДА СТАНАТ НИВНИ ДОБАВУВАЧИ

04.12.2017 (Семинар)
НАЧИНОТ ЗА ВРШЕЊЕ ПОПИС НА СРЕДСТВАТА И ОБВРСКИТЕ И УСОГЛАСУВАЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНАТА СО ФАКТИЧКАТА СОСТОЈБА УТВРДЕНА СО ПОПИСОТ

05.12.2017 (Семинар)
ИТ-КАТАСТРОФИ (DRP) И ФОРЕНЗИЧКА ИСТРАГА

12.12.2017 (Тренинг обука)
ИНТЕРНИ ПРОВЕРУВАЧИ (АУДИТОРИ) НА ИНТЕГРИРАНИ МЕНАЏМЕНТ СИСТЕМИ ISO 9001:2015, ISO 14001:2015, OHSAS 18000:2007

14.12.2017 (Семинар)
СПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ ТРЕНИНГ ЗА НАПРЕДЕН EXCEL – POWER QUERY

14.12.2017 (Настан)
Симпозиум на тема: УЛОГАТА НА СМЕТКОВОДСТВОТО И РЕВИЗИЈАТА ВО УНАПРЕДУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ЕКОНОМИЈА

06.03.2018 (Бизнис средби)
Меѓународни деловни средби на Саемот „EcoBuild“ - Лондон, Велика Британија

Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

06.11.2017


Актуелно  

ЗАПОЗНАВАЊЕ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА СО МАКРОЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ И АКТИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО КРЕИРАЊЕТО НА БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2018 ГОДИНА


Одржана Првата годишна конференција во пресрет на донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2018 година (6.11.2017 година)

Стопанската комора на Македонија ја организираше Првата годишна конференција во пресрет на донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, на која министерот за финансии во Владата на РМ д-р Драган Тевдовски го претстави Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година пред компаниите - членки на Комората. Конференцијата имаше за цел унапредување на јавно-приватниот дијалог помеѓу Владата и приватниот сектор и активно вклучување на бизнис заедницата во  креирањето  на Буџетот на Република Македонија како најзначаен развоен документ во земјата. - Од особено значење е фактот дека овој документ за прв пат во ваква форма се презентира и е предмет на дебата пред најбројната бизнис асоцијација во државата, чии членки учествуваат со 90 % во бруто домашниот производ, 90% од вработените се во компании-членки на Комората и 94% од профитот се создава во фирми кои членуваат во неа, - истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески на почетокот на Конференцијата.

 

Министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски посочи дека за прв пат на ваков начин, јавно се дискутира за Предлог-буџет што остава можност бизнис секторот да даде свој придонес во креирањето на државната каса. Буџетскиот процес за креирање на државната каса за следната година започнува од јуни во тековната година и предвидува до 15 ноември Владата да го усвои Предлог-буџетот за 2018 година, а до крајот на годината да се изгласа во Собранието на РМ. Во меѓувреме, се предвидува и можност за дискусија со релевантните засегнати страни, во конкретниот случај бизнис секторот. На денешната Конференција, беа претставени општите макроекономски и фискални проекции, како и главните компоненти на приходната и расходната страна на Буџетот. Министерот потенцираше дека определбата на Владата е да се примени среднорочно буџетско планирање по примерот на развиените европски земји. Тој истакна дека за прв пат Република Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавните финансии за периодот 2018 – 2021 година.

Растот на реалниот БДП се очекува да изнесува 3,2 %. Проекцијата е направена по претходно ревидирање на реалниот БДП за 2017 година на 1,6%, со цел да се добие реална основа за проектирање за следната година. Растот согласно проекциите на Владата ќе биде резултат на континуираната солидна лична потрошувачка, забрзување на инвестициите, како и повисока извозна активност. Стапката на инфлација е планирана на 1,7%.

Буџетскиот дефицит за 2018 година се очекува да достигне 2,7% од БДП, наспроти 2,9% во 2017 година, со цел да се оствари постепена фискална консолидација и да се надмине состојбата на забавен економски раст. Приоритетите на Министерството за финансии се редовно и навремено извршување на обврските со најповолни услови за задолжување, при што не е исклучена и можноста за еврообврзница во 2018 година. Министерот посочи дека приходите во Предлог-буџетот се проектирани врз основа на економските очекувања за 2018 година без поголеми даночни промени, кои се планира да бидат воведени од 01.01.2019 година. Министерот Тевдовски наведе и дека во однос на прогресивното оданочување кое е планирано да се воведе од јануари, интенциите на Владата на РМ се да се остави период на приспособување на засегнатите страни. Со цел пораст на приходите, се планира и зголемување на вредноста на акцизата за нафтата за 3 денари, со што се очекуваат повеќе позитивни ефекти и усогласување со европските стандарди, при што малопродажната цена на дизелот ќе остане најниска во регионот. Стапката на социјални придонеси ќе остане непроменета, но се предлага зголемување на максималната основица за плаќање од 12 на 16 просечни нето-плати. Во однос на повратот на ДДВ, беше посочено дека во месец октомври оваа година се исплатени 2 милијарди денари и дека ќе продолжи трендот за редовен и недискриминаторски поврат на ДДВ-то на компаниите.

Министерот за финансии потенцираше дека за наредната година е планирано субвенциите и трансферите за поддршка на домашните претпријатија да изнесуваат 1,1 милијарда денари, за странските компании 970 милиони денари или вкупно 2 милијарди денари државна помош. Беа посочени и заложбите на Владата на РМ за пораст на платите на вработените во образованието и здравството со цел обезбедување поквалитетни услуги во овие сегменти како значајни за економскиот развој и напредок на државата, а присутните беа информирани и за вложувањата во одбраната согласно определбата на земјата за членство во НАТО. Истовремено беа презентирани и тековните расходи во делот на трансферите за пензиите, надоместокот во случај на невработеност, субвенции, трансферите за единиците на локалната самоуправа и сл.

Од особен интерес за компаниите, беа презентирани и капиталните расходи кои се планираат во износ од 24,7 милијарди денари, кои проекции според министерот се на реална основа и се инвестиции кои ќе имаат позитивен ефект на вкупната домашна економија. Во овие рамки е планирано интензивирање на активностите за подобрување на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, како и технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ).

По излагањето на министерот, беше отворена дискусија по Предлог-буџетот за 2018 година, во рамките на која претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески побара одговор на неколку прашања кои се од важност за бизнис заедницата. Азески побара одговор, зошто и оваа Влада проектира поголем Буџет споредено со претходната година, иако интенцијата е да се оди на намалување на трошоците, дали ќе биде понесена одговорност од Владата доколку не се реализираат проектираните капитални инвестиции, како ќе се вратат 350 милиони долг кон приватниот сектор, дали за зголемувањето на акцизата на дизелот се правени анализи за негативните импликации во домашната економија, а предложи од 2018 година, на секои три месеци, јавно и транспарентно да се прави пресек на проектираните наспроти реализираните активности во делот на капиталните инвестиции.

Бизнисмените кои учествуваа на денешната конференција на која се дебатираше за Предлог-буџетот за 2018 година, поставија повеќе прашања до министерот за финансии. Тие прашаа дали се планира зголемување на фондовите за доедукација, поголема соработка на државата со домашните компании, дали ќе се помести во нагорна линија максималната граница на пензијата, во која форма и колку средства ќе бидат одвоени за развој и поддршка на туризмот како трета брзо растечка дејност во светот и дали се размислува за реструктурирање на администрацијата во државата во услови кога превработеноста е еден од најголемите проблеми нотирани во работењето на Владата изминатите години.

Денешната Прва конференција за дебата за Буџетот беше оценета како успешна, со порака ваквиот континуитет да продолжи и во иднина во насока на креирање поволен бизнис амбиент кој ќе овозможи развој на домашната економија, раст на компаниите, поголем извоз и конкурентност на домашните фирми.

 

Даниела Михајловска Василевска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права