Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

07.02.2018


Актуелно  

Расте соработката на домашните компании со странските инвеститори


Вредноста на вкупните инвестициски набавки (набавка на основни средства) направени од домашни субјекти е проценета на околу 148 милиони евра.

Една од централните активности на Советот на странските инвеститори при Стопанската комора е унапредувањето на соработката помеѓу странските инвеститори и домашните компании.


Резултатите од анализата на ефектите од новите извозно ориентирани компании во домашната економија на Народна Банка на РМ покажуваат дека износот на вкупните набавки на компаниите од индустриските зони од субјекти на домашниот пазар во 2014 и 2015 година изнесуваат по околу 45 милиони евра, додека во 2016 година износот е близу 33 милиони евра.


- Додадената вредност, т.е. „чистата“ нова вредност генерирана од компаниите во ТИРЗ изнесува околу 617 милиони евра, за последните четири години. Вредноста на вкупните инвестициски набавки (набавка на основни средства) направени од домашни субјекти е проценета на околу 148 милиони евра, додека вредноста на вкупните расходи за стоки и услуги набавени на домашен пазар изнесува околу 78 милиони евра – велат од Стопанската комора.
Од таму додаваат дека простор за унапредување на оваа соработка постои и во наредниот период ќе биде дел од активностите на Комората и нејзиниот Совет на странски инвеститори.


Изминатите 12 години колку што постои овој Совет своите активности ги заснова на дијалог со државните институции, а целта е да се поддржи подобрувањето на деловното опкружување и инвестиционата клима во Македонија.


- Членовите на Советот лоцираат прашања кои го засегаат деловното работење во земјата. Во соработка со соодветните владини институции, Советот се стреми да ги решава проблемите преку промени во законодавството и во административните постапки. Фирмите-членки на Советот на странски инвеститори веруваат дека дијалогот меѓу субјектите кои изготвуваат политики и заедницата на странски инвеститори е основа за успешно подобрување на климата за инвестиции, а истовремено го поттикнува и развојот на македонската економија. Една од целите на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, e подобрување на деловното опкружување и инвестиционата клима во Македонија, со што ќе се придонесе и за развој на целокупната национална економија – велат од Комората.


Моментално, Советот на странски инвеститори брои над 130 странски фирми, коишто ги вклучуваат најголемите претпријатија од различни земји и сектори со значителни инвестиции во Македонија, со најголемо учество во извозната структура, целокупното вработување во земјата и растот на националниот БДП.


Целта на привлекувањето на странските директни инвестиции е остварување на одредени макроекономски ефекти, но и нивно преточување на микро план, односно да се зголеми додадената вредност од присуството на странските компании во Македонија.


- Тоа може да се постигне преку унапредување на соработката на странските инвеститори во земјата со македонските компании и нивно вклучување во ланецот на добавувачи на странските компании, со цел зголемување на вработеноста и воведување на нови технологии. Имајќи во предвид дека се поголем број нови странски инвеститори инвестираат во земјата, може да се изрази сериозен оптимизам дека овој тренд кој е позитивен ќе продолжи и во иднина, што ќе биде од важно значење да се даде импулс и поддршка од страна на јавниот и приватниот сектор за поголема бизнис соработка меѓу странските и домашните компании во насока на максимално искористување на таквите потенцијали- додаваат од Комората


Бенефитите од странските инвестиции во една земја се пред се директно отворање нови работни места и генерирање доход, зголемување на извозот и негова диверзификација, прилив на странски капитал во форма на странски директни инвестиции; и создавање додадена вредност во економијата. Додека пак, индиректните ефекти, се многу посложени и нивната важност во најголем дел се манифестира преку нивниот долгорочен придонес за економскиот развој. Како најважни се издвојуваат структурните трансформации на економијата, вклучувајќи ги диверзификацијата, унапредувањето и зголемувањето на отвореноста, индиректното отворање работни места и трансферот на технологија и надградба на вештините на работната сила.


Странските инвестиции за националната економија имаат повеќедимензионално значење - тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за раст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и нови знаења, како и поефикасно корпоративно управување

Пренесено: www.plusinfo.mk/vest/142459/raste-sorabotkata-na-domashnite-kompanii-so-stranskite-investitori











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права