Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

14.06.2018


Ставови  

КАКО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА КОНЕЧНО ДА ЗАЧЕКОРИ ПО ВИСТИНСКИОТ ПАТ !


доц. д-р Дарко Лазаров,
Професор на Економски факултет, УГД

Перформансите на македонската економија во изминатата година и првиот квартал годинава!

Резултатите што македонската економија ги испорача во изминатата година се лоши и спротивни од очекувањата. Последните официјални податоци на Државниот Завод за статистика покажуваат дека тој лош резултат минатата 2017 година продолжува и во првиот квартал од 2018 година. Ако ги погледнеме причините за таквата лоша динамика на растот во првиот квартал од годината ќе видиме дека тоа е заради значителниот пад на градежништвото (особено нискоградбата) од 38%, кој како сектор има значителен удел во БДП на земјата (околу 8%). Ова воопшто не треба да изненадува ако го земеме во предвид фактот дека македонската економија е мала и плитка економија во која мал потрес кај некој сектор веднаш може силно да се рефлектира врз целата економија.

Всушност, еден од постулатите на кој почиваше растот на македонската економија во изминатиот период беше токму градежната експанзија која беше стимулирана преку капиталните инвестиции на државата.

Оттука, нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции во изминатиот период негативно се одрази врз градежништвото, а истовремено и врз стапката на раст на економија во изминатата година, при што, тој негативен тренд продолжува и во првиот квартал од оваа година.

Дополнително, државата скрати дел од јавната потрошувачка заради како што тие посочија консолидирање на јавните финансии и кратење на непродуктивни трошења, што исто така се одрази негативно врз стапката на растот на краток рок.

Сепак, овие негативни трендови на краток рок не треба да се злоупотребуваат во политички контекст и треба да им оставиме простор на владата да ја имплементира својата економска програма, па после одреден период да ги анализираме нејзините резултати.

За мене е крајно несериозно да зборуваме за економски раст и политики на растот со податоци за еден квартал. Всушност, теоријата на економски раст е макроекономија на долг рок и ние треба да ја анализираме развојната динамика на економијата единствено во една подолга временска дистанца и врз таа основа да влечеме заклучоци за квалитетот на економските политики.

Претходниот модел на раст генерираше стапки на раст кои беа долгорочно неодржливи!

Моделот на раст на македонската економија во периодот од 2006 до 2016 година се базираше на неколку столбови. Прво, поттикнување на извозот преку привлекување на СДИ. Второ, експанзивна фискална политика со цел стимулирање на агрегатната побарувачка преку користење на фискалниот простор што Република Македонија како ниско задолжена земја на почетокот од тој период го имаше. Трето, спроведување на што е можно повеќе реформи (do as much reforms as you can) во сите сфери.

Практично, сите три столбови на овој модел имаа за цел испорачување на економски резултати (просечна стапка на раст од 3% во анализираниот период) без некои сериозни долгорочни развојни потенцијали. Згора на тоа, за реализација на тие политики беа потрошени огромни буџетски средства кои ја продлабочија буџетската дупка зголемувајќи го енормно јавниот долг на државата (од 35% во 2006 година на 48% во 2016 година што значи зголемување за повеќе од 23 процентни поени).

Во продолжение ќе се обидам накратко да ги елаборирам ефектите од овие политики со цел да добиеме една појасна слика. Претходната влада се обиде да обезбеди раст воден од извозот преку политики за привелкување на СДИ засновани на давање значителни безусловни поволности и олеснувања за странските компании. Таквите политики не беа базирани на претходни секторски анализи и истите беа без претходно изградена платформа за интегрирање на домашните компании во ланците на снабдување на странските компании како основен предуслов за целосно искористување на потенцијалните позитивни ефекти од СДИ за домашната економија. Сето тоа придонесе за значителна „увозна комонента“ на извозот од технолошко-развојните зони и незначителни ефекти за македонската економија во смисла на креирање локална додадена вредност, трансфер на технологија, знаење, know-how, работни и организациски практики и сл.

Уште повеќе, изостанаа политиките за поддршка на домашните извозно ориентирани компании во насока на зголемување на нивната конкуретност, иновативност  и подобрување на нивните капацитети за настап на глобалните пазари преку поддршка и поттикнување на извозот на нови производи со поголема додадена вредност.

Резултатот од таквите политики беше значителен пораст на извозот (просечен раст на извозот од 8% во периодот 2006-2016 година) без значителни ефекти врз растот на економијата (просечен раст на економијата од 3% во истиот период) во однос на она што првично се очекуваше и она што емпириските истражувања го потврдуваат. Ова укажува дека корелацијата помеѓу извозот и растот беше позитивна, но магнитудата (јачината) на таа позитивна корелација не беше доволно силна за да поттикне посериозни поместувања, ниту пак тој извоз придонесе за некакви квалитативни промени во извозната структура. Напротив,  и покрај тоа што вредноста на извозот се зголеми од 2,66 милиjарди американски долари во 2006 година на 4,76 милиjарди американски долари во 2016 година, бројот на производи што земјата ги извезува со компаративни предности забележа значително намалување од 675 производи во 2006 година на 461 производи во 2016 година. Ова не треба да не изненадува ако го земеме во предвид фактот дека најголемиот дел од тоа зголемување (дури 90%) е засновано на само неколку производи кои ги извезуваат странските компании во технолошко-развојните зони.

Вториот столб беше заснован на стимулирање на економијата преку  експанзивна фискална политика што подразбираше зголемување на јавната потрошувачка на државата. За мене лично не е толку сериозен проблемот во водењето на експанзива фискална политика (нормално е за земја која се обидува да ја придвижи економија напред да ја користи фискалната политика како инструмент за тоа) колку што беше проблематично начинот на користење на буџетски трошења.

Претходната влада наместо да ги насочи средствата за зголемување на конкуретноста, продуквтивноста и иновацискиот капацитет на бизнис сектор, поголем дел од буџетските трошења ги насочуваше кон непродуктивни цели или кон капитални инвестиции кои имаа незначителни мултипликативни ефекти за економијата на подолг рок.

На крај, третиот столб кој се однесуваше на спроведување што е можно повеќе реформи во сите сфери не ги даде посакуваните резултати бидејќи таквата политика немаше јасна визија и претходно поставени вистински приоритети како истата да се имплементира ефикасно. Всушност, ниту институциите имаат толкав капацитет, ниту државата има неограничено средства да спроведува таква политика на симултано спроведување на реформи во сите сфери без претходно направени детални и сериозни анализи, добро дизајнирани механизми и редослед на нивно операционализирање, јасно дефинирани цели и очекувани резултати. Тоа беше прилично хаотично со голема доза на популизам, што наликуваше на „пукање со калашников без да се има ориентација за тоа каде е метата со надеж дека сличајно целта ќе биде погодена“.

Кои се развојните перспективи и излезните решенија за македонската економија!

Во изминатите 27 години од македонската независност и етаблирање на пазарниот систем на стопанисување бевме сведоци на негативен тренд на деиндустријализација (релативното учество на индустријата во БДП се намали од 32% во 1992 година на 15% во 2016%) без никакви значителни промени во прилично неповолно наследената индустриска и извозна структура (доминантно трудо-интензивни и некои капитално-интезивни сектори со релативно ниска продуктивност).

Од друга страна, поновите светски искуства на брзорастечките земји укажуваат, а тоа современата економска теорија и наука јасно го потврдува дека клучот за економски успех на една земја лежи во процесот на ре-индустријализација и структурни промени во индустријата и извозот. Оттука, единствената алтернатива која им стои на располагање на Република Македонија е забрзување на процесот на извозна диверзификација (зголемување на бројот на индустриски производи и услуги што земјата ги извезува со компаративна предности), структурна трансформација на економијата (пренасочување на производството и извозот од производи со помал степен на финализација и додадена вредност кон производи со поголема софистицираност и продуктивност) и нејзино интегрирање во глобалните ланци на снабдување на оние места каде додадената вредност и продуктивноста се поголеми.

Клучното прашањето кое се поставува е „како тие процеси на ре-индустријализација, извозна диверзификација и структурна трансформација да се иницираат и интезивираат?“.

Според мене постојат неколку предуслови за тоа. Прво, потребно е детално проучување на одделните индустриски гранки (на ниво на производ) и нивните репродукциски поврзаности (вертикално и хоризонтално) со цел идентификување на развојните можности и потенцијали на оние индустриски сектори кои поседуваат реални економски претпоставки да се развиваат во иднина и оние стратешки гранки каде македонската економија согласно постоечката структура може да гради компаративни предности. Стопанската Комора на Македонија во соработка со релевантни меѓународни институти и научни истражувачи од земјата започна со такви истражувања на неколку сектори, при што, се надеваме дека во соработка со владата ќе биде направена детална студија за целата индустрија.

Второ, откако ќе се идентификуваат стратешките индустриски сектори (на ниво на производ) кои имаат најголем развојни можности треба да се адресираат сите ограничувања и бариери кои се исправаат како најсериозни предизвици (на макро и микро ниво) во преструктурирањето на економијата и развивање на конкуретнска предност на тие сектори.

Трето, врз база на идентификуваните стратешки сектори и адресираните предизвици креаторите на политики треба да влезат во еден посериозен процес на градење на вистински индустриски и економски политики кои треба да го поддржат процесот на реиндустријализација и извозна диверзификација преку стимулирање на стратешките сектори.

Владата тој процес во одредена мера преку програмата за економски раст веќе го започна. Но, се разбира треба да се вложат многу поголеми напори во таа насока, и преку континуирано надградување на политиките и поголема оперативна справедливост да се забрза тој процес со цел што поскоро истите да се почуствуваат во економијата и да бидат видливи во статистиката.

Четврто, паралелно со погоре посочените активности потребно е да се работи на менување на менталитетот на бизнис секторот, зајакнување на институционалните капацитети на државата и реформирање на јавната администрација.

Имено, во денешниот глобален свет каде конкурентската борба на корпорациите е базирана на постојани технолошки, производни и организациски иновации и стратешки подобрувања, потребно е да разбереме дека претприемачкиот дух на македонскиот бизнис час поскоро треба да биде длабоко вграден во кодексот на делување. Не помалко важно е реформирањето на јавната администрација на сите нивоа (од највисоко до најниско) во насока на специјализација, деполитизација, усовршување, надградување и дигитализација со цел да истата да постане вистински сервис на бизнисот. Потребно е политиката да се тргне од бизнисот, да се зајакнат капацитети на правните, политичките и економските институции, и конечно бизнисот да си го завземе своето место како моторна сила и двигател на економијата.











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права