ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
18.06.2019 👁 Прочитано: 589

ЕКОНОМСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ ОД САМИТОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ПОЗНАЊ


На 4 јули 2019 година, во Познањ, Р. Полска, ќе се одржи овогодинешниот Самит на Западен Балкан. Во рамките на Самитот ќе се реализираат многубројни настани, панел-дискусии, бизнис форуми и билатерални средби со претставници од владиниот и невладиниот сектор и бизнис заедниците од 16 земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Србија, Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Грција, Германија, Полска, Словенија, Италија и Велика Британија.

-Главна цел на Самитот е полесна интеграција на регионот на Западен Балкан со земјите од Европската унија, преку креирање синергија меѓу светот на политиката со граѓанските општества и бизнис круговите, - истакна господин Кристоф Прзилуцки, шеф на Канцеларијата на Полската агенција за инвестиции и трговија во Софија, на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија. 

Координаторот на овогодинешниот Самит и консултант во Агенцијата за инвестиции и трговија, Камил Хишка, додаде дека овој настан претставува прв чекор за идна соработка меѓу Северна Македонија и Полска за понатамошно проширување и развој на компаниите, но и продлабочување на соработката меѓу бизнис секторот од сите 16 земји – учеснички, што всушност е отсликано и во мотото на Самитот: „Да растеме заедно“.

На овогодинешниот Бизнис форум главен акцент ќе се стави на дигиталниот и ИТ-секторот, прехранбениот и земјоделскиот сектор и енергетиката, но поради големината на настанот, добредојдени се компании и од сите останати сектори. Компаниите своето учество можат да го пријават бесплатно на „on-line“ платформата за билатерални средби, на следниот линк:  http://www3.paiz.gov.pl/Western_Balkans_Summit/.

-Во насока на реализација на идејата „Да растеме заедно“, покрај иницијативата за поврзување на бизнис секторот, во рамките на Самитот формално ќе биде означено и конституирањето на Бизнис платформата помеѓу Коморскиот инвестициски Форум (КИФ) и институциите на Европската унија, што ќе служи како основа за дискусија меѓу бизнис заедницата од регионот на Западен Балкан и европската администрација. Имајќи предвид дека согласно Заклучоците од минатогодишниот Самит за Западен Балкан во Софија, процесот на пристапување на земјите од регионот на Западен Балкан кон ЕУ треба да биде процес на инклузивно проширување, кое треба да обезбеди овие држави да ги согледаат придобивките од европската интеграција уште пред формалното зачленување, Коморскиот инвестициски форум ја покрена иницијативата за конституирање на Бизнис платформата КИФ-ЕУ. Оваа платформа ќе ги соедини на едно место бизнис секторот од регионот на Западен Балкан и одлучувачите / креаторите на политиките на ЕУ, со цел да се обезбеди простор за дискусија за проблемите и можностите со коишто се соочуваат во секојдневното работење. Во Платформата ќе членуваат бизнис-лидери од секоја од државите од Западен Балкан и претставници од органите и телата на Европската унија, но и претставници на бизнис заедницата од ЕУ и од меѓународните финансиски институции, - истакна д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори и национален координатор на КИФ при Стопанската комора на Македонија. 

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Полска  во периодот јануари-март  2019 година изнесува 79 милиони САД долари, што претставува зголемување од 14,7% во однос на истиот период од претходната 2018 година. Извозот од 13,5 милиони САД долари, бележи намалување  за 10,91%, а увозот од 65,4 милиони САД долари е зголемен за 21,9%. Како резултат на поголемиот раст на увозот наспроти извозот споредено со 3 месеци од 2018 година, има значително зголемување на трговскиот дефицит од 35,03%, кој во трите месеци од 2019 година изнесува 51,8 милиони САД долари. Во овој период на 2019 година, Република Полска е 14-ти трговски партнер на Република Северна Македонија.

м-р Сања Николова

ЕКОНОМСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ ОД САМИТОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ПОЗНАЊ