Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

01.02.2018


Актуелно  

ПРОЕКТ НА УСАИД „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА ВО МАКЕДОНИЈА“ – ОДРЖАНА ТРЕТА ИНФОРМАТИВНА СЕСИЈА ВО КАВАДАРЦИ


Во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, на 1.02.2018  година, во хотелот „Фени“ во Кавадарци, се одржа третата информативна сесија на тема: „Законските прописи од областа на животната средина во функција на развој, унапредување и конкурентност на компаниите“.

Пред присутните се обрати Јадранка Аризанковска, виш советник во  Стопанската комора на Македонија, која ги поздрави учесниците и истакна дека целта на овие инфо-сесии е да ја доближат правната регулатива до компаниите на начин кој ќе овозможи размена на информации и простор за дијалог. Таа посочи дека во рамките на Проектот пет клучни сектори: земјоделие, текстил, градежништво, ИКТ-технологии и туризам ќе бидат детално опфатени во анализите на законската регулатива и дека оваа инфо-сесија претставува исклучителна можност да се слушнат проблемите на малите, микро и средните претпријатија во овие области со цел да послужат како материјал за организирање други целни активности во рамките на Проектот .

Предавач на информативниот настан беше м-р Славјанка Пејчиновска -  Андонова, консултант за животна средина со повеќе од 15 години искуство во областа на животната средина, оценка на влијанието врз животната средина, стратегиска оценка на планови и програми врз животната средина, управување со отпад, води, емисии во воздух и квалитет на воздух, управување со хемикалии и длабински анализи во поглед на управувањето со животната средина, како и подготовка на апликации за ИСКЗ еколошки дозволи и нивни измени и обновување. 

М-р Пејчиновска - Андонова пред присутните компании  ги појасни законските и подзаконските постапки, барања, услови и временски периоди на спроведување на постапките кои произлегуваат од законите за животна средина, за подобро бизнис опкружување. Со тоа ќе се обезбеди и заштита на здравјето на граѓаните, заштита на водите, воздухот, почвата, како и заштита на биодиверзитетот.

На настанот присуствуваа околу 30-тина учесници од повеќе сектори и тоа: животна средина, градежништво, текстил, трговија, производство на електрична опрема, тутунска индустрија, кожарска индустрија, винарници, производство на вода и други безалкохолни пијалаци, угостителство, метална индустрија, автомобилска индустрија, трговија со овошје и зеленчук.

Организирањето на овие информативни сесии е веќе отпочнато и досега беа одржани 3 информативни сесии од вкупно 20 за оваа година. На информативните сесиите ќе бидат опфатени следните теми: даноци, работни односи, пазарна инспекција, лиценци за угостителска дејност, земјоделство и животна средина. Предавачи ќе бидат истакнати експерти во наведените области, кои ќе ги доближат до учесниците законските регулативи на овие теми и ќе поттикнат дискусија. Предлозите од бизнис заедницата ќе бидат дополнително разработени и доставени до Владата на Република Македонија.
 
Сите проектни активности ги спроведува „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ и четирите клучни партнери: Стопанската комора на Македонија; Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Преку активно учество во имплементацијата на проектот, коморите воедно ќе ги зајакнат и сопствените капацитети за подобро да ги застапуваат микро, малите и средните претпријатија.

Тања Мицева











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права