Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

07.03.2018


Актуелно  

Асоцијација за управување со посебни текови на отпад - КОЛЕКТИВНИТЕ ПОСТАПУВАЧИ СО ОТПАД ОСНОВАНИ ОД БИЗНИС СЕКТОРОТ СЕ ДОБРО РЕШЕНИЕ, НЕДОСТАСУВА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА


Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Македонија, на прес-конференцијата, одржана на 7.3.2018 година, ја најави Меѓународната конференција на тема: „Европските искуства за улогата на компаниите кои управуваат со посебните текови на отпад – сега и во иднина“, што ќе се одржи на 13 март 2018 година во Комората.

Пред претставниците на медиумите најнапред се обрати претседателот на Асоцијацијата, д-р Филип Ивановски, кој истакна дека конференцијата, која е наменета за претставниците на институциите, локалната самоуправа и за другите засегнати субјекти, има за цел да ги лоцира отворените прашања од аспект на практичната применливост на регулативата и да даде насоки за нејзино натамошно доградување со цел постигнување на поставените национални цели за рециклирање на посебните текови на отпад до 2020 година.

Колку отпад создаваме и колку го рециклираме, дали сме на добар пат, учиме ли од земјите кои се пред нас во управувањето со отпадот, како понатаму? Ова се дел од прашањата на кои Конференцијата ќе се дадат одговори и насоки.

Претседателот на Асоцијацијата, д-р Филип Ивановски, истакна дека колективните постапувачи со отпад основани од бизнис секторот се добро решение, но недостасува институционална поддршка.

Управувањето со отпадот воопшто станува се` поактуелна тема во земјава. Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад при Стопанската комора на Македонија смета дека предлогот на Владата на РМ привремено да ги преземе ингеренциите од општините со цел побрзо решавање на регионалното управување со отпадот е позитивен чекор со цел побрзо решавање на проблемите со отпадот.

Во Македонија се создаваат годишно над 700.000 тони  различен отпад, од кои над 100.000 тони се отпад од пакувања, над 15.000 тони електронски и електричен, над 70 тони мали батерии и над 3.500 тони акумулатори. Ова според Асоцијацијата е над 20% од вкупниот отпад, но се` уште има голем број компании кои не ги почитуваат законите со кои се задолжени да го пријавуваат отпадот што го создаваат и да финансираат негово одделно собирање и рециклирање, истакна Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата.

Компаниите-членки на Асоцијацијата се значаен дел од решението за интегрирано управување со отпадот, посебно затоа што се работи за фракции од отпадот кои или се рециклираат (отпад од пакување, акумулатори, метална електрика) и имаат вредност, или неправилното менаџирање може да има сериозни последици за здравјето на луѓето и за животната средина воопшто (батерии, електронски отпад, отпадни масла, гуми...).

Како придонес за поефикасно решавање на проблемите со отпадот и учење од земјите кои се понапред од нас во управувањето со отпадот, Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад, на 13.3.2018 година, организира Меѓународна конференција: „Европските искуства за улогата на компаниите кои управуваат со посебните текови на отпадот – сега и во иднина“. 

На оваа конференција ќе учествуваат директори на најголемите компании- колективни постапувачи од Германија, Чешка, Бугарија и од ЕКСПРА (Асоцијација на колективни постапувачи со седиште во Брисел), кои ќе ги пренесат искуствата од нивните земји, каде што законите за управување со посебни текови на отпад се на сила повеќе од две децении. 

Асоцијацијата смета дека моделот кој сега го имаме со колективните  постапувачи формирани од индустријата е добар и дека недостасува институционална поддршка за негово целосно имплементирање. Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат на пазарот отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово собирање и рециклирање. Решавањето на проблемот со неформалните собирачи мора да се стави како приоритет во работата на општините и на институциите.

Поради ова, на Конференцијата се поканети и ќе учествуваат и релевантни претставници од Владата на Република Македонија, МЖСПП, ДИЖС, како и на ЗЕЛС како асоцијација на општините, како и претставници на рециклаторите на овие типови отпад. Се очекува дека низ размена на искуства и дискусии ќе се дојде до предлози за решенија кои се апликативни за Македонија, а истите ќе бидат вклучени во претстојните законски измени кои се во изработка во МЖСПП.

Членки на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад се компаниите за управување со отпад од пакување „Пакомак“ и „Еуро-Екопак“, како и компаниите за управување со батерии,  акумулатори и електричен и електронски отпад „Нула Отпад“, „Елколект“, „Екон електрон“ и „Таб-Мак“. Членка е и Цементарницата „Усје“ – Скопје, како самостоен постапувач со отпад.


Зорица Мешкова











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права