Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

07.03.2017


Актуелно  

Одржана трибина на тема „Ефектите на измените воведени со новиот Закон за нотаријатот и новиот Закон за извршување врз работењето на деловните субјекти“ – ПОСОЧЕНИ ИСКУСТВАТА НА КОМПАНИИТЕ ВО ПРИМЕНАТА НА ОВИЕ ЗАКОНИ


Стопанската комора на Македонија на 07.03.2017 година, согласно доставените барања на компаниите, а со цел да се креира форум на кој ќе се дискутира за ефектите на решенијата воведени со новиот Закон за нотаријатот (Службен весник на Република Македонија, бр.72/2016, 142/2016) и новиот Законот за извршување (Службен весник на Република Македонија, бр. 72/2016, 142/2016) врз работењето на компаниите, како и да се дефинираат предлози за надминување на констатираните состојби, одржа трибина посветена на ефектите кои измените воведени со овие закони ги предизвикуваат врз работењето на деловните субјекти. На трибината учество земаа претставници на повеќе компании од различни сектори и различни дејности, кои ги истакнаа нивните искуства во однос на примената на наведените закони во практиката и предложија начини за надминување на моменталните состојби.

Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија м-р Елена Милевска Штрбевска накратко информираше дека Стопанската комора на Македонија во текот на минатата година презеде повеќе активности во однос на овие два закони, и накратко ги презентираше резултатите од спроведеното анкетно истражување за очекуваните ефекти на законите врз бизнис заедницата од месец септември 2016 година, како и кратката анализа изготвена од стручната служба на Комората, во која беше направена споредба на вкупниот износ на издатоци кои компаниите ги имаат во однос на дејствијата и постапките кои спаѓаат во делокругот на работа на нотарите и извршителите, и тоа преку споредување на вкупниот износ на издатоци (задолжителни издатоци кои мора странките да ги покријат) согласно одредбите кои беа важечки пред 31.12.2016 година, и согласно новиот Закон за нотаријат и новиот Закон за извршување.

Учесниците на трибината изнесоа повеќе коментари и забелешки во однос на практичната примена на одредбите од овие закони, кои се однесуваа на неколку прашања. Од една страна, во однос на новиот Закон за нотаријатот беше истакнато дека обврската за задолжително учество/присуство на адвокат предизвикува значителни негативни финансиски импликации врз работењето на компаниите, и ја одолговлекува постапката, како и дека обврската за задолжително учество/присуство на адвокат е дискриминаторна и доведува до нееднаков третман на дипломираните правници – вработени во компаниите во однос на адвокатите.

Од друга страна, во однос на новиот Закон за извршување од страна на учесниците на трибината беше посочено дека постои невоедначена практика во постапувањето на извршителите во однос на можноста да биде поведена постапка за вонсудска наплата на долгови врз основа на повеќе веродостојни исправи спрема истиот должник истовремено, како и дека за компаниите проблематична во практиката е и  обврската да обезбедат податоци – матични броеви за должниците, пред да поднесат барање за вонсудската наплата на долгови. Посочено беше и дека обврската доверителите за побарувања кои произлегуваат од комуналните услуги да бараат од Комората на извршителите да одреди извршител кому треба да му биде поднесено барањето за извршување ги става овие доверители во неповолна положба во однос на сите останати доверители. Истовремено, беше истакнато дека одредбите на новиот Закон за извршување дозволуваат ретроактивна примена, со тоа што се дозволува примена на одредбите кои се однесуваат на обврската за авансирање на трошоците на постапката и за постапки кои се поведени пред 01.01.2017 година за дејствијата кои се преземени според новиот закон, што на крајот, може да доведе до запирање на извршувањето, на штета на доверителите. Дополнително, компаниите кои вршат дејност управување со станбени згради истакнаа дека побарувањата кои се однесуваат на редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост, по својата природа не претставуваат комунални услуги, поради што истите треба да бидат изземени од групата за побарувања за кои треба да биде спроведена постапка за вонсудска наплата на долгови. Истакнато беше и дека компаниите се соочуваат со проблеми за наплата на побарувањата врз основа на извршна исправа од единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, и треба да се определи прашањето што може да се смета за предмети и права кои се неопходни за вршење на дејноста на должникот, така што од таа категорија ќе бидат изземени паричните средства кои се наоѓаат на сметка кај носител на платен промет, и врз нив да може да се спроведува извршување без никакво ограничување.

Стопанската комора на Македонија и во иднина ќе продолжи да презема активности кои се однесуваат на примената на Законот за нотаријат и Законот за извршување, во насока на обезбедување на нивна поефикасна примена во практиката.

м-р Татјана Штерјова











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права