Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

06.03.2018


Актуелно  

НОВА ИНВЕСТИЦИЈА НА „МАКПРОГРЕС“ – ВИНИЦА


На 6.3.2018 година, компанијата „Макпрогрес“ од Виница го претстави својот нов бренд „ФАНТАЗИЈА“ како резултат на инвестицијата во новоотворениот погон за производство на иновативни производи за брзо готвење.

Под брендот „ФАНТАЗИЈА“ на пазарот ќе се пласираат полуготови кондиторски производи за производство на мафини, како и додатоци за колачи и за готварството, што се користат за широка потрошувачка, коишто ќе се најдат на домашниот и на странските пазари.

Компанијата инвестираше 650.000 евра во изградбата и опремувањето на новоотворениот погон, што е навистина завидна инвестиција во прехранбената индустрија.

Погонот, во којшто сега се вработени 10 лица, а во наредниот период ќе се вработат уште 30 лица, свечено го отвори претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, кој го истакна значењето на компанијата „Макпрогрес“ за македонското стопанство, којашто инвестираше и во „Дониа“ од Прилеп.  „Со инвестирањето во нов погон се дава импулс како на регионот, така и на целото македонско стопанство“, истакна Азески.

„Берлинскиот процес, помошта од Западен Балкан и новите инвестиции како оваа што се промовира денес - се излезот за македонското стопанство“, додаде Азески во своето обраќање.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, пред присутните истакна дека „Макпрогрес“ е лидер во Македонија во кондиторската индустрија, а неговиот бренд е лидер и во регионот. „Потврда за успешноста на оваа компанија е инвестирањето во нов погон и нов бренд. Имјаќи го  предвид извозот на оваа компанија во над 55 земји во светот, со своето знаење и искуство, господинот Глигор Цветанов е избран за претседател на Клубот на извозници, којшто неодамна е формиран во рамките на Стопанската комора на Македонија. Очекуваме, со помош на Глигор Цветанов, да се отворат нови пазари на Блискиот Исток и во земјите од МАГРЕБ за извозниците од Република Македонија. Господинот Цветанов има своја визија и сите ние веруваме во него“, додаде Азески. Стопанската комора на Македонија, како заштитник на интересите на компаниите, се наоѓа пред нов предизвик, со новиот План за економски раст на  Владата на Република Македонија, да се поддржат успешните компании во нивниот раст и нови инвестиции.   

  

На свеченоста пред присутните се обрати и Глигор Цветанов, сопственик на „Макпрогрес“ од Виница. Тој го изрази своето задоволство од работењето на компанијата, што резултира и со инвестирањето во нов погон, односно проширување на производството и воведување нов бренд. „Со новата инвестиција ќе се зголеми и бројот на вработените, што во моментот изнесува 640 вработени во „Макпрогрес“ и 140 вработени во „Дониа“, или вкупно 780 вработени, што е завидна бројка. Имајќи предвид дека компанијата започна со работа пред 28 години, задоволни сме од своето работење. До сега компанијата инвестираше и 500.000 евра во „Дониа“ од Прилеп, а се планира во наредниот период да се инвестира уште повеќе во оваа компанија“, додаде Глигор Цветанов.

Господинот Александар Цветанов, во своето обраќење истакна дека во 2017 година инвестирале во преземање на компанијата „Дониа“ од Прилеп, како и во отворањето нов погон на „Макпрогрес“.

На оваа свеченост се изврши и ребрендирање, редизајнирање и релансирање на брендот „ДОНИА“ со цел подобрување на квалитетот на производите од овој бренд, со подобар дизајн на амбалажата, што ќе значи и подобар пласман на овие производи во Македонија и во светот.

Компанијата „Макпрогрес“ е една од водечките македонски компании  кои се извозно ориентирани, што се докажува со застапеноста на нивните производи во над 55 земји во светот. Се планира во најкус период да се посети Саемот во Њујорк, а потоа да се учествува и на Саемот „СИАЛ“ во Париз, со што ќе се прошири и листата на земји во коишто „Макпрогрес“ ги пласира своите производи.  

Станка Дамјановска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права