ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА



Со измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини се предлагаат следните решенија:

- зголемен е рокот за вршење на теренски увид од 8 на 15 дена;

- додадени се 3 нови видови на минерални суровини и тоа: петротермална енергија, кварцен чакал и риолит;

- се укинува ограничувањето дека лицето кое учествувало во изработката на геолошката документација не може да учествува и во изведувањето на геолошките истражувања - ќе важи само за основните геолошки истражувања, бидејќи овие истражувања ги врши Геолошкиот завод, односно државата. По барање на концесионерите и субјектите кои изработуваат геолошка документација, предложена е оваа измена затоа што во пракса не треба да има ограничување за изработката и изведувањето на геолошките работи од исти лице, туку ограничувањето треба да биде во делот од надзорот, каде согласно постоечкото законско решение надзор не може да врши субјект кој учествувал во изработката на геолошката документација или изведбата на истражувањата;

- со предложените измени, обврската за доставување на годишен извештај за извршените детални геолошки истражувања, ќе важи само при вршењето на детални геолошки истражувања на енергетски и металични минерални суровини;

- се разграничува големината на просторот и периодот на важност на концесиите за експлоатација на песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации) кога концесијата е доделена на државни земјиште и кога концесијата е доделена по барање на сопственикот на земјиштето. Имено, во случај кога е доделена концесија за експлоатација на песок и чакал на државно земјиште, просторот и времетраењето на концесијата се изедначува со неметалични минерални суровини. Ова е од причина што концесиите за експлоатација на песок и чакал на државно земјиште претходно се доделени на јавен повик за вршење на детални геолошки истражувања. Концесионерите се изложени на поголеми вложувања до почеток со експлоатацијата, па со тоа економски е оправдано да се изедначи просторот и периодот на важност на концесиите со останатите неметалични суровини;

- рокот за поднесување на барањето за продолжување на периодот на важност на концесијата се менува и се пропишува дека истиот може да изнесува најрано една година, а најдоцна шест месеци пред истекот на рокот за кој е доделена постојната концесија за експлоатција, бидејќи во пракса не се запазува секогаш точниот период, што е причина за одбивање на барањето и престанок на важење на концесијата;

- роковите за доставување на мислење од страна на надлежните органи, како и рокот за доставување на предлог-одлуките до Владата, како концедент е зголемен од 15 на 30 денови. Ова е по барање на институциите и општините кои согласно Законот се должни да дадат мислење;

- се дополнува членот 40-а со кој се овозможува и општините да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта;

- се доуредуваат членовите 42 и 43 од Законот во делот на постапката за доделување на концесии за експлоатација по барање на сопственикот на резултатите од деталните геолошки истражувања и по барање на сопственикот на земјиштето на кое се бара концесијата, каде се предвидува донесување и на одлука за одбивање на барањето во случај доколку се работи за добиено негативно мислење од надлежните органи на државната управа и од единицата односно единиците на локалната самоуправа на чија територија е поднесено барањето;

- во членот 43 се додава и минералната суровина-глина, односно барање за доделување на концесија за експлоатација на сопствено земјиште може да се поднесе и за овој вид на минерална суровина по истите услови и постапка како и за песок и чакал и за собирен кварц;

- се усогласува рокот за склучување на договор за концесија по донесувањето на одлуката со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, согласно кој се спроведува јавниот повик;

- членот 49 се дополнува во насока дека писмената согласност не е потребна и кога се врши пренос на удели и акции помеѓу правни лица кои што имаат исти крајни сопственици, бидејќи со ваквата промена, не настануваат никакви промени кај концесионерот, ниту пак стекнувачот со удели се стекнува со било каква имотна корист, од причина што се работи за исти лица. Во овој член се додава и обврска за известување во случај на промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кој е мнозински сопственик кај субјектот кој што ги извршил деталните геолошки истражувања и поднел барање за доделување на концесија за екплоатација, како и на концесионерот на кој му е доделена концесија за експлоатација на минерални суровини;

- во членот 51, во кој се уредуваат причините за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од страна на концедентот, се додаваат две нови алинеи со кои концесијата за експлоатација може да се раскине заради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот и во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението. Во случај да се раскине договорот заради втoрододадената причина, тогаш концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик. Истовремено, се додава и нова алинеја со основ за едностран раскин на договорот за концесија во случај кога не е известен органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини за промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кој е мнозински сопственик кај концесионерот. Основ за раскин на договорот за концесија е и доколку концесионерот екплоатира помалку од 30 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација, кое го разгледува комисија формирана од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини и може да достави предлог за продолжување на намалената експлоатација за уште една година последователно. По предлогот на комисијата од овој член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини донесува решение;

- се зголемува периодот за поднесување на барањето за издавање на дозвола за експлоатација за техногените минерални суровини, неметалите, украсните камења и за сите видови на води кои ги опфаќа Законот од 1 на 2 години, а за песок и чакал од 6 месеци на 1 година. Оваа измена е во насока да одговори на реално потребното време да се обезбедат сите документи кои треба да се достават кон барањето;

- се намалува потребното искуство за работа на одделни работни места во рудниците, од причина што овие професии и струки се дефицитарни на пазарот на трудот и со цел да одговорат на потребите на концесионерите, неопходно е да се направи оваа измена;

- се воведува казнена одредба за лицата кои вршат технички надзор со цел да се зголеми професионалното вршење на оваа дејност, а со тоа и концесионерите би биле во тек со законските норми, промените во законите и работењето во согласност со рударските проекти;

- со предложените измени се предлага класификација и прекатегоризација да се прави само за експлоатација на енергетски и металични минерални суровини;

- со менувањето на членот 73 и додавањето на 25 нови члена се уредува начинот на полагање на испитот за добивање на лиценца за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството исто како за доделување на лиценците за изработка на геолошка документација. Имено, претходно одредбите кои важеа за лиценците за геолошки истражувања не беа применливи и за лиценците за изработка на рударски проекти заради техничка грешка во текстот;

- во делот на наплатата на концесиските надоместоци се доуредува одредбата со која 78% од платениот концесискиот надоместок е приход во буџетот на општината на чија територија се врши концесиската дејност, во насока дека прибавените средства по овој основ треба да бидат наменети за вршење на општествени или комунални дејности од интерес за општината;

- се зголемува одговорноста на лицата кои се поставени да вршат технички надзор кај концесионерите со цел да се зголеми стручноста во вршењето на надзорот, а со тоа правилно работење на концесионерот при вршењето на концесиската дејност и

- се укинува донесувањето на годишната програма за рекултивација, бидејќи согласно Законот за минерални суровини секој концесионер е должен да изврши рекултивација на земјиштето по исцрпувањето на експлоатабилните резерви на минерална суровина.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за минерални суровини додадена е преодна одредба со која се постапува согласно Заклучокот од 155-та седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 24.09.2019 година. Со овој заклучок, Министерството за економија беше задолжено при наредното изменување на Законот за минерални суровини да предвиди решение за надминување на проблемот со преклопување на концесиските полиња, настанати во периодот на важење на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“бр.18/99) како и пред воспоставувањето на Геолошко информацискиот систем (ГИС), односно пред поставување на електронски преглед на доделените концесии. Имено, согласно предложената одредба, концесионерите на кои им е доделена концесија за експлоатација, а кај кои просторот на кој е доделена концесијата за експлоатација се преклопува со просторот на друга концесија за експлоатација, се должни во рок една година од денот на влегувањето во сила на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини да достават барање за усогласување на концесискиот простор. Владата дава согласност за усогласување на просторите на концесиите за експлоатација кај кои има преклопување. По давањето на согласноста, концедентот и концесионерите односите ги уредуваат со анекс на договорот за концесија.

Во Предлог-законот се предвидува дека започнатите постапки за издавање на лиценци за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се спроведат согласно одредбите од овој закон.

Се предвидува законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје