Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

06.12.2018


Актуелно  

РАЗВОЈОТ НА ТУРИЗМОТ ПРЕКУ ДРЖАВНАТА ПОЛИТИКА ЗА НЕГОВА ПОДДРШКА - ТЕМА НА ФОРУМОТ ВО ОХРИД ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ НА УСАИД: „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“


Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, на 6.12.2018 година, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид го реализираше Форумот на тема: „Стратешки развој на туризмот и ефектите на државната политика за негова поддршка“, во рамките на Проектот на УСАИД:   „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, за подобрување на бизнис климата во Македонија преку поттикнување клучни реформи во секторот туризам и угостителство.

USAID

Форумот го отвори деканот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, проф. д-р Цветко Андреески, кој посочи дека Факултетот за туризам и угостителство во своето 48-годишно постоење има најголем број стратешки истражувачки документи коишто се користат за развој на планските региони и за развој на туризмот во општините низ РМ. Во моментот, Факултетот за туризам и угостителство активно работи на пет проекти за развој на туризмот и угостителството, меѓутоа, она што е предизвик во делот на научната дејност е тоа дека Факултетот работи на проект од Програмата „Хоризонт 2020“ и учествува во подготовка на Стратегија за развој на туризмот во РМ. Во последните десет години имаме значителен развој на туризмот во РМ, а тоа го покажува бројот на пристигнати туристи и остварени ноќевања во земјата.

USAID

Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, поздравувајќи ги присутните, истакна досега многу пати е дебатирано за подготовка на стратегија за туризам со оглед на фактот дека туризмот е една од најдобро развиените гранки во  РМ и сите заклучоци кои ќе бидат донесени од денешната дебата ќе бидат разгледани од Општината со цел да се донесат соодветни решенија.

Љубомир Димовски, директор на „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ - Скопје, организацијата преку која се имплементира Проектот на УСАИД: „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“, истакна дека со поддршка на УСАИД сите четири комори од Македонија се инволвирани како партнери во имплементацијата на овој проект и тоа Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, во соработка со „ЕПИ ЦЕНТАР - Интернационал“ од Скопје, и посветено работат на подобрување на проблематиките со коишто секојдневно се соочуваат компаниите. Преку Проектот потребно е да се идентификуваат проблемите со коишто се среќаваат компаниите со цел подобрување на законската регулатива, за преземање конкретни мерки за поддршка на секторот за туризам и угостителство.

Горан Дамчевски, сопственик на консултантската куќа „Регент Хоспиталити“-Скопје, ги презентираше резултатите од анкетата спроведена меѓу угостителските и хотелските објекти.

USAID

-Активно работиме на премостување на проблемите и предизвиците со кои компаниите во Македонија се соочуваат секојдневно. Денес сме тука како одговор на потребите на компаниите за подобрување на квалитетот на стандардите, лиценците и категоризацијата на угостителските објекти и регулирање на нелојалната конкуренција, како и потребата од квалитетна работна сила, со цел компаниите да бидат поконкурентни на пазарот, - изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори и на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Целта на Форумот беше да се дискутираат теми поврзани со секторот за туризам и угостителство во Македонија, негово развивање, обезбедување соодветна работна сила преку квалификација и доквалификација на кадри, како и поддршкa од страна на државата преку креирање нови туристички производи, услуги и алатки со цел Македонија да стане атрактивна туристичка дестинација. 

Секторот за туризам и угостителство е еден од растечките сектори во Македонија и има огромен потенцијал за развој. Уште поважен е фактот дека овој сектор треба да обезбеди квалитет на стандарди, лиценци и категоризација на угостителските објекти и начин за регулирање на нелојалната конкуренција со цел подобрување на фактичката состојба за да можат компаниите да станат поконкурентни на пазарот. Денес, туризмот нуди повеќе перспективи на локално, регионално и на глобално ниво, од што се проценува дека тоа ќе биде профитабилна и водечка економска гранка во Македонија.

USAID

За време на панел-дискусиjата на тема: Фактичката состојба на секторот за туризам и угостителство, присутните активно учествуваа со соодветни предлози за потребните промени во бизнис регулативата и земаа клучна улога во креирањето на соодветни решенија за овие предизвици. На Форумот присуствуваа претставници на бизнис заедницата, владини претставници, како и домашни експерти кои споделија свои искуства со предлози за развивање на секторот за туризам и угостителство, како и за усогласеност на компаниите со законската регулатива во Република Македонија.

Четиригодишниот проект е  имплементиран од страна на Стопанската комора на Македонија, во соработка со „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, партнери во Проектот на УСАИД: „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“.

Даниела Михајловска Василевска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права